Филипче им се закани на „ЗНАМ 2“: Ќе ве изгазам како шлепер жаба!


Претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање нагласи дека јавноста треба да знае дали зад мотивите на пратеничката Славјанка Петровска за критика на раководството на СДСМ се кријат други причини, и дали нејзиното однесување има поврзаност  случајот со набавката на хеликоптерите.

„За пратеничката Славјанка Петровска, се прашувам што е причина за ова. Да не е изјавата на Мисајловски дека потпишала за 37 милиони евра поскап договор за хеликоптери, од кога Комисијата донела друга одлука? Да не излезе дека Дејвид Гета може вода да и носи. И сега тие луѓе кажуваат што и како требало“, рече Филипче.

Филипче порача дека наместо денес да даваат совети како треба да се води партијата, ова мала група поранешни функционери треба да одговорат и за своето делување во времето кога биле дел од раководството на СДСМ.

„Игор Ивановски и таа група која што беа дел од раководството на партијата, сега покажуваат други ставови. Луѓето кои што очигледно молчеле, кога Бујар Османи го образложувал Францускиот предлог. Андреј Петров бил член на Извршниот одбор на партијата, што не кажал нешто тогаш за Европа? Андреј Петров, кој што е потписник на петиција за човек од црна листа да излегува од притвор. Игор Ивановски, кој што беше член на кој знае колку управни одбори, 10 -тина илјади евра имаше месечен приход и телефон на никој не дигаше, сега ќе кажува што требало да се прави со партијата.  Па ја погребаа партијата,  за малку ќе ја погребеа партијата. На издишување беше. “, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ Филипче потенцираше дека оние кои ја оставија партијата во тешка состојба денес не можат да се појавуваат како авторитети и да делат лекции како треба да се води СДСМ. Тој посочи дека актуелното раководство две години работи на консолидација на партијата и, за разлика од нив, се бори против власта и ги разобличува нејзините најголеми скандали.

„Ние сите во изминативе две години тешко работиме, се консолидираме и тие сега ќе кажуваат како треба. Кога ќе кажуваат? Кога ги вадиме најголемите скандали на власта. Па кој е наивен? Ке ми носеле план? Каков план ќе носеле? Таков каков што го прави они, ич не треба да го носат, видовме што направиј. Или некој друг? Ако знаат поинаку, што не направија направија поинаков.Ако сакаат да се вклучат, сега еве имаме избори во Брвеница. Ќе ги ставиме во распоредот па нека помагнат, ако сакаат вистински да помогнат на партијата. Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги згазам како шлепер жаба “, рече Филипче.

Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“, веднаш реагираа порачувајќи дека Венко Филипче се повеќе личи „на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски“.

„Сиот личен бес го истура врз оние кои мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ.

Да го трошеше истото време за вистинска борба против Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, партијата и членството немаше да биде во ваква незавидна состојба. Меѓутоа, нам ни се јасни причините за ваквото негово поведение, тој е во паника дека се одмотува клопчето, излегува на виделина највалканиот политички дил од независноста до денес.

Членството на СДСМ после денешната прес конференција на Венко Филипче низ уште еден пример може да се увери во неговиот авторитарен карактер. Тој е дефинитивно залутан во СДСМ и воопшто не припаѓа на партијата која некогаш беше пример за демократска, интелектуална и државничка организација. Партијата која во минатото беше симбол за пристојност, разумност и политичка чест ја сведоа на инструмент на мала секта чија единствена цел е по секоја цена да се вдомат во пратеничките клупи. Предлозите за структурни реформи на партијата Филипче ги одбива на невидено. За него сите се виновни за најслабиот резултат на СДСМ во историјата, само тој не е. За него сите се криминалци само тој е чесен. Апсурд до апсурд!

Очекуваме од Венко Филипче, пред било кој друг да обвинува за криминал и корупција, да објасни како обвинителот, кој тој лично обвини дека е предложен и избран од власта, токму него го ослободи од обвинение, како поранешен министер за здравство, за пожар во модуларна болница каде изгореа 14 луѓе?Што се однесува до неговите закани, добронамерно му порачуваме да не се срами на јавна сцена, бидејќи се повеќе личи на лоша копија на неговиот политички гуру и идол.Без разлика на неговите напори по секоја цена да не спречи, ние сепак во архивата на СДСМ ќе ги доставиме нашите предлози за структурни реформи на партија, во интерес на членството и иднината на Македонија“, стои во писмената реакција.