Филипче ги нарече „будалаштини“ ставовите на Мицкоски за евроинтеграцијата
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска со жестока реторика го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со својата политика ја води Македонија кон изолација од Европската унија. На прес-конференција во Собранието, Филипче ги коментираше ставовите на Мицкоски за европската интеграција и неговото повикување на Исланд како пример за земја која не е членка на ЕУ.
„Па сега зборува некои будалаштини, Исланд не сакал во Европска унија, па Исланд е дел од заедничкиот пазар. Па, може ли таков идиот да е човекот, комплетен? Да нè изолира целосно?“, рече Филипче.
Тој го обвини Мицкоски и дека „сè уште глуми патриот“, посочувајќи ги неговите претходни ставови за името, јазикот, културата и идентитетот.
Според Филипче, политиката на Владата ја оддалечува Македонија од европските интеграции, а граѓаните, како што рече, веќе ги чувствуваат последиците преку животниот стандард, високите цени и иселувањето на младите.
„Дали мисли дека сме наивни? Дали мисли дека луѓето се наивни? Што сака да постигне?“, праша претседателот на СДСМ.
Toj редупреди дека продолжувањето на политиката на изолација на Христијан Мицкоски ќе ја доведе земјата до децении на сиромаштија и иселување. Тој посочи дека последиците од таквиот правец ќе ги чувствуваат граѓаните и следните генерации.
„Сакам граѓаните да знаат дека ако продолжи овој пат на изолација, пред нас се децении на сиромаштија, на изолација, на сиромаштија на духот, на иселување на децата, на нечистотија по улиците и нечист воздух насекаде, на распродадена земја за туѓи интереси и туѓи рудници, на распродадена вода за туѓи дата-центри и на партиски тендери за оваа банда што е на власт“, предупреди Филипче.
Прашан за изјавите поврзани со моштите на цар Самоил, Филипче рече дека историските прашања треба да им се препуштат на историчарите.
– Јас историјата би ја оставил на историчарите. Јас сакам да зборуваме за иднината. Историчарите нека зборуваат за тоа што било, како било – рече Филипче.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен, тој упати порака до премиерот. – На Христијан сакам да му порачам, нека размисли добро. Ако треба вечер, нека не спие. Што ќе ѝ каже утре на Фон дер Лајен? Да не се игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации – порача Филипче.