Од „Секси мама“ до „Војна на ѕвездите“: Како Македониумот во Крушево стана атрактивна „сцена?
„Илинден“ или Македониум, со својот необичен, футуристички изглед кој го смести на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот, не е само заштитено културно наследство и не ја означува само „ непокорноста, борбата и вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава“. Низ годините станува атрактивна „сцена“ доколку целта е да се потенцира неговата улога како еден од „најмоќните симболи на македонската историја и култура“. Самата локација има нешто што продукциски е исклучително вредно: силна, веднаш препознатлива архитектура, необична геометрија, драматична внатрешност и визуелен идентитет што изгледа како да е создаден за филм. Дело е на Јордан и Искра Грабулоски и е отворен во 1974 година.

Се протега на 12 хектари и формата започнува со раскинати пранги продолжува преку криптата и колоритно – мозаичната керамопластична сцена, па завршува со купола извишена 1320 метри надморска височина, од каде се протега инзвореден поглед кон градот Крушево. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражите на Борко Лазески со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“ од Тома Прошев. Денес во самата купола се наоѓа гробот на Никола Карев и споменица и биста на Тоше Проески.

Косовскиот рапер Дон Џони го искористи како визуелно препознатлива сценографија во спотот за „Секси мама“. Му бил отстапен за околу 500 евра за 5-6 часа. И покрај тоа што „иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста“, па директорот си поднесе оставка од морални причини, министерот за култура беше затечен и немаше дециден одговор што понатаму, а премиерот ѝ се извини на јавноста за пропустот.

Етно-поп дуото „Некст тајм“ лани со концертна продукција покажа дека објектот може да функционира и како сценски простор. Браќата Мартин и Стефан Филиповски во уникатниот амбиент на Мечкин Камен ги изведоа своите најголеми хитови во свежи аранжмани, спојувајќи ја препознатливата вокална експресија со акустиката на монументалниот објект. Како посебен момент во проектот се издвојуваше преработката на песната „Нема друга Македонија“ од Војо Стојаноски – емоционален омаж кој совршено се вклопува во патриотската нишка што дуото ја негува со години.

Македониумот заличи и на фантастичен, футуристички или дистописки свет кога уметникот и дизајнер Зоран Кардула сцените и ликовите од култната франшиза „Војна на ѕвездите“ ги смести во футуристичкиот амбиент на споменикот. Проектот започнат како вирален дизајн во 2019/2020 година, во август 2022 година прерасна во физичка изложба во Крушево. Во чест на Илинден, ги поврза ликовите и сцените од култната филмска сага на Џорџ Лукас со сагата на споменикот на Гумење. Во плакатите на Кардула ги гледаме ликовите како Дарт Вејдер и Јода сместени во и околу Македониумот, а тој на еден плакат е е претворен во пилотска кабина која многу наликува на вселенскиот брод „Фалкон“ на ликот Капетан Хан Соло од филмскиот серијал.

„Крушево, Силата нека биде со тебе“, напиша Кардула во пресрет на уникатната изложба, во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ . Неговата уникатна визија наиде на позитивен прием во јавноста и е единствена од таков вид во Македонија.

И за нашиот однос кон заштитеното културно наследство: За 500 до 1500 евра секој може да ги изнајми Античкиот театар во Охрид и во Хераклеја во Битола. За Стоби е многу построго.


