Турскиот бенд Hayvanlar Alemi ќе настапи во Скопје со концерт на психоделичен и експериментален рок
Турскиот состав Hayvanlar Alemi, еден од препознатливите претставници на современата психоделична, дум и експериментална рок сцена, ќе настапи во Македонскиот паб „Ѕе“ во Скопје.
Бендот е познат по инструменталниот звук кој ги спојува психоделичниот рок, дум металот, сурф-рокот, фри џезот и слободната импровизација, збогатени со влијанија од музичките традиции на Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка и Источна Европа.
Основан во Анкара во 1999 година, Hayvanlar Alemi во текот на своето повеќедецениско работење има објавено повеќе изданија за меѓународни дискографски куќи и одржано над сто концерти во дваесетина земји.
Во Скопје ќе настапат во трио состав, кој го сочинуваат основачите Özüm İtez на електрична гитара и Işık Sarıhan на тапани, заедно со македонскиот басист Дени Омерагиќ, познат по ангажманите во составите „Светлост“, „Odron Ritual Orchestra“, „Строг Пост“, „Fighting Windmills“ и „DUNYHA“.
Како предгрупа ќе настапи триото составено од Благојче Томевски, Мартин Џорлев и Драган Теодосиев, музичари активни на домашната џез, импровизаторска и независна музичка сцена.
Организаторите најавуваат концерт што ќе понуди комбинација од психоделични гитарски структури, импровизација и експериментални звучни решенија, препознатливи за музичкиот израз на турскиот состав.