Депардје ја прифати пресудата за сексуален напад, доби 18 месеци условна казна
Париз – Француската актерска легенда Жерар Депардје ја откажа жалбата против пресудата за сексуален напад врз две жени за време на снимањето на филм во 2021 година, со што неговата условна казна од 18 месеци затвор станува конечна.
Во соопштението објавено денес, Депардје рече дека ја прифаќа пресудата и понуди „длабоко и искрено извинување“ до секој што можеби ги претрпел последиците од неговото однесување, објави „Ле Фигаро“.
„Прогласен сум за виновен. Ја разбирам и ја прифаќам оваа казна“, напиша актерот.
Тој призна дека долго време се криел зад провокациите и непристојноста на снимањето на филмот и додаде дека неговите зборови и одредени постапки не биле без последици.
На 13 мај 2025 година, Депардје беше прогласен за виновен за сексуален напад врз две жени за време на снимањето на филмот „Les Volets verts“ („Зелените капаци“), во режија на Жан Бекер. Покрај условната казна затвор во траење од 18 месеци, кривичниот суд во Париз му изрече и двегодишна забрана за вршење избрана јавна функција, а исто така нареди и негово запишување во националната база на податоци на Франција за сторители на сексуални и насилни кривични дела, согласно препораките на обвинителството.
Против Депардје се води и посебна правна постапка, која произлегува од обвинувањата за силување што ги изнесе француската актерка Шарлот Арну, а се однесуваат на наводни инциденти од 2018 година. Во септември 2025 година, истражен судија одлучи актерот да биде изведен пред суд под обвинение за силување, но Депардје поднесе жалба на таа одлука. Се очекува Апелациониот суд во Париз на 26 ноември да донесе одлука за тоа дали случајот ќе продолжи во фаза на главен претрес. Депардје постојано ги негира овие обвинувања.