Да го разбудиме детето во нас и да излеземе од ова сивило, од оваа апатичност , рече Калиопи пред концертот на 17 октомври


Вечерта ќе има посебна симболика за неа – оваа година се навршуваат пет децении откако започна нејзиниот музички пат.

„Што се однесува до репертоарот, ова ќе биде журка. Ова ќе биде ноќ на радоста. Ова ќе биде ноќ кога ќе евоцираме спомени. Секако, нема да ве оставам без одредени балади. Но, многу ќе танцуваме и нема да ве оставам – ќе останете без здив“, порача таа.

Денес таа се наврати на своите почетоци во 1976 година, кога настапила на „Златно славејче“, истакнувајќи дека и по половина век сè уште со истата страст влегува во студио и создава нова музика.

„Овој октомври, кога ќе се случи претстојниот концерт во арената ‘Борис Трајковски’, ќе одбележам 50 години. Поминале 50 години, а јас сè уште со мојот откачен Ромео Грил влегувам во студио и правиме музика која е безвременска, на која реагираат и најмлади и постари. Тоа е непроценливо богатство“, рече таа.

Токму траењето, вели Калиопи, за неа има многу поголемо значење од моменталната популарност.

„Лесно е да се биде забележлив на блиц, но тешко е да се трае. Не толку за мене, колку за сите оние кои растеле и живееле со мене, а сè уште ќе живеат и тогаш кога мене ќе ме нема“, додаде поп-ѕвездата со најголемите хитови кај нас.

Концертот следува по целосно распродадената арена „Борис Трајковски“ во 2024 година и четирите последователно распродадени концерти во „Македонска филхармонија“ во 2025 година.  На сцената ќе ѝ се придружи и специјален гостин, но неговото име засега останува тајна.

„Да, ќе имам специјален гостин, ама неговото име ќе го откриеме на десет дена пред концертот“, откри Калиопи.

По песната „Бебе“, веќе е подготвена и следната песна – моќна рок-балада, прво на македонски па на српски јазик.

„Ромео Грил е навистина вонвременски. Сум направила многу свои албуми, многу своја музика и сето тоа допрело до публиката. Но, тој човек има икс-фактор кога станува збор за музиката. Тој ми направи таква песна… И можам да откријам дека ќе биде прво на македонски, а потоа и на српски јазик. Се работи за една многу моќна рок-балада. Секој што ја чу, занеме, како што занемев и јас“, раскажа Калиопи.

За новото дело планира и видеозапис, кој ќе се снима во Загреб со млада екипа.

Калиопи на прес-конференцијата откри и дека овој викенд требало да отпатува во Хрватска, откако Тереза Кесовија лично ја поканила да биде гостинка на нејзините распродадени проштални концерти во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб.  Во меѓувреме стигна информација дека Кесовија, од здравствени причини, ги одложила концертите. 

Ѕвездено небо за единствената Калиопи која ги испеја „Обои ме“ , „Месечина“ и во чест на Гоце Николовски „Бисер балкански“ на настапот со Хозе Карерас на иста сцена/ Фото: Б. Грданоски

Калиопи се осврна и на неодамнешниот настап со светски шпанскиот тенор Хосе Карерас на плоштадот „Македонија“.

За време на пробите Карерас го штедел гласот, па комуникацијата меѓу нив била ограничена. Токму затоа еден момент на сцената особено ја изненадил.

„За мене беше збунувачки на сцена, кога ми се сврте и ми рече: ‘Како вие вечерва се чувствувате?’. И јас само му реков: ‘Покрај вас, маестро, легендарно и одлично’. Неговите комплименти по настапот и сè она што следуваше беше само дополнително. Навистина беше миг за паметење“, раскажа таа.