Анталија во октомври ќе биде домаќин на 77. Меѓународен астронаутички конгрес


На почетокот на наредниот месец погледите на светската вселенска заедница ќе бидат насочени кон Анталија, каде што од 5 до 9 октомври ќе се одржи 77. Меѓународен астронаутички конгрес (IAC 2026). За првпат во историјата на конгресот, Туркије ќе биде домаќин на еден од најголемите и најзначајните светски собири посветени на вселената, на кој во конгресниот центар NEST се очекува да присуствуваат повеќе од 10.000 учесници од целиот свет, меѓу кои астронаути, претставници на вселенски агенции, научници, истражувачи, инженери, академици, претставници на компании, студенти и млади професионалци.

IAC 2026 го организира Меѓународната астронаутичка федерација, под координација на Министерството за индустрија и технологија на Туркије, а во соработка со Турската вселенска агенција и SAHA Истанбул, кластер на компании и организации од турскиот одбранбен, воздухопловен и вселенски сектор. Конгресот ќе биде место за размена на знаења, научни истражувања и технолошки достигнувања, како и за воспоставување меѓународни партнерства и разговори за иднината на вселенскиот сектор.

Под мотото „На светот му треба повеќе вселена“, годинашниот конгрес ќе се фокусира на иднината на истражувањето и користењето на вселената, со акцент на безбедноста, одржливоста, меѓународната соработка и достапноста на придобивките од вселенските технологии за сите. Програмата ќе опфати меѓународни изложби, презентации на компании, академски и технички сесии, дискусии и платформи за размена на знаења, на кои ќе бидат претставени најновите достигнувања во вселенската наука и технологија.

Според организаторите, интересот за IAC 2026 е рекорден. До средината на септември биле доставени 8.330 резимеа на научноистражувачки трудови и истражувања од 108 земји, што е најголем број во историјата на конгресот. Прифатени се повеќе од 4.000 трудови, кои ќе бидат презентирани во над 180 технички сесии. Истовремено, повеќе од 3.000 учесници од 83 земји се регистрирале во рамките на раната регистрација.

Конгресот ќе започне со свечена церемонија на отворање, а во текот на неделата се предвидени бројни активности за учесниците, вклучително и средби на астронаути со студенти и млади професионалци. Завршниот гала-настан и вечерата на IAC 2026 ќе се одржат на 9 октомври во античкиот театар во Аспендос, еден од најзначајните историски локалитети во регионот.

Официјалната маскота на конгресот е „Тиркиз“, желка од видот Caretta caretta, кој се среќава долж медитеранското крајбрежје. Маскотата ја симболизира врската меѓу тиркизното море во Анталија и истражувањето на вселената, а истовремено ја нагласува важноста на одржливоста и зачувувањето на Земјата како наш заеднички дом.

Изборот на Анталија за домаќин на IAC 2026 го става градот во центарот на меѓународното внимание и ја истакнува неговата улога не само како водечка туристичка дестинација на Туркије, туку и како место за научни, технолошки и деловни поврзувања во вселенскиот сектор. Градот располага со развиена инфраструктура за големи меѓународни настани, бројни конгресни капацитети и богата сместувачка понуда, а локалните универзитети и истражувачки центри се активни во области поврзани со астрономијата, вселенските науки и воздухопловното и вселенското инженерство.

ПР објава