Санација на водоводната мрежа во Нов Дојран


За да се обезбеди постабилен притисок и подобар доток на вода, Општина Дојран почна со санации на водоводната мрежа на повеќе локации во населеното место Нов Дојран. Според општинските власти од Дојран, инвестициите во водоводната инфраструктура ќе опфатат конкретни зафати таму каде што проблемите со водоснабдувањето се најизразени.

Надлежните информираат дека се поставуваат нова водоводна мрежа и нови приклучоци на местата каде што досега најчесто се појавувале дефекти, за да се овозможи трајно и посигурно решение за овие проблеми.

-Со овој зафат се става крај на честите дефекти, се подобрува и стабилизира водоснабдувањето, се обезбедува постабилен притисок и подобар доток на вода до домовите, а со тоа ќе се намалат трошоците за одржување и санација на дефектите и ќе има помалку прекини во водоснабдувањето- велат од Општината.

Надлежните најавуваат продолжување на инвестициите во водоводната и канализациската мрежа онаму каде што е потребно, како долгорочно решение и подобрување на водоводната инфраструктура.