И Кичево мака мачи со фрлањето отпад во реката
Општина Кичево овјави фотографии од луѓе то фрлаат отпад во реката Темница, че корито веќе вторпат се чисти, а не толку одамна, при силни дождови таа се излеа и повеќе од 100 граѓани беа евакуирани и повеќе денови живееја во спортска сала.
„Погледнете, мили сограѓани, дефинитивно никој не може да исчисти колку што сами можеме да загадиме.
И додека едни чистат, други повторно фрлаат. Но последиците не се само оние што знаеме и претпоставуваме. Со секое фрлање отпад се оптоварува и самото речно корито. Отпадот се насобира, го попречува нормалниот проток на водата и може да придонесе за затнување на коритото. При зголемен водостој и обилни врнежи, тоа може да создаде услови за повторно излевање на водата и несакани последици за луѓето, имотот и околината.
Ни многу побогати општини не можат да се справат со ваква негрижа и непочит кон самите себеси.
Ова не е само отпад во една река. Ова е слика за нашиот однос кон местото каде што живееме, кон природата и кон идните генерации.
И сега, повторно се чисти река Темница по втор пат оваа година. По втор пат се собира отпад што не го донела реката, туку човекот. По втор пат се вложуваат време, труд и средства за да се исправи она што со малку совест можело да биде спречено.
Затоа уште еднаш апелираме и замолуваме, НЕ фрлајте отпад во реката и не го оставајте покрај нејзиното корито.
Секој од нас има одговорност да го зачува она што е наше заедничко.