Во Карпош собрани 3.500 килограми текстил
Инспекциските служби на Општина Карпош одржаа работна средба со колективниот постапувач „Еко Текс – Груп“ од Скопје, со цел проверка на досегашната реализација на активностите за собирање текстилен отпад, согласно договорот склучен во мај 2025 година. Како дел од акцијата, специјални контејнери за текстилен отпад се поставени во сите десет основни училишта на територијата на Општина Карпош, дестките градинки, како и пред административната зграда на Општината.
Според досегашните податоци, преку поставените собирни места се собрани околу 3.500 килограми стара облека и текстилен отпад, што претставува значаен резултат и показател за зголемената свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот. Со оглед на успешноста на акцијата, Општина Карпош и „Еко Текс – Груп“ ќе ја продолжат соработката и во наредниот период. Општина Карпош ги повикува граѓаните одговорно да го одлагаат стариот текстил исклучиво во поставените контејнери, со што заеднички придонесуваме кон почиста животна
средина и поодговорно управување со отпадот. Селектирајте. Одложувајте одговорно. Да ја чуваме животната средина заедно.