Три книги од „Арс Ламина“ добитници на наградата „13 Ноември“ за 2026 година


Три книги објавени од издавачката куќа „Арс Ламина“ се добитници на наградата „13 Ноември“ за 2026 година, што ја доделува Град Скопје. Признанието во областа на публицистиката и стручните книги му е доделено на проф. д-р Огнен Марина за книгата „The Skopje Project“, додека во областа на здравствената заштита е наградена творечката целина составена од книгите „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“, дело на авторски тим од Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, предводен од проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска.

Наградите беа врачени на свечената церемонија што се одржа вчеравечер (13 ноември) во Националната опера и балет, по повод Денот на ослободувањето на Скопје.
Книгата „The Skopje Project“, објавена на англиски јазик, ја истражува обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година и нејзиното значење за светската архитектура и урбанизам. Изданието произлезе од истоимената меѓународна конференција одржана во 2023 година, по повод 60-годишнината од земјотресот и 110 години од раѓањето на архитектот Кензо Танге. Книгата го претставува Скопје како пример за меѓународна солидарност и визионерски урбан развој.

„Наградата ‘13 Ноември’ ја доживувам не само како признание за мојата научна и професионална работа, туку и како потврда на длабоката лична поврзаност со градот кој суштински го обликувал мојот живот и творештво“, истакна проф. д-р Огнен Марина. Тој посочува дека целта на книгата е повторно да се актуализира исклучителното значење што проектот за обновата на Скопје го имал за развојот на светската архитектура и урбанизам, но и да се поттикне критичко преиспитување на идеите и вредностите врз кои се развивал градот.

Изданијата „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“ се резултат на повеќегодишна научна и стручна работа на авторски тим од Стоматолошкиот факултет при УКИМ, предводен од проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска. Тие претставуваат меѓусебно поврзана целина што ја нагласува важноста на грижата за оралното здравје уште од најраната возраст, како основа за здрави навики и подобар квалитет на живот во сите животни периоди. Книгите претставуваат значаен придонес кон современата стоматолошка литература, наменета за студенти, стоматолози и здравствени професионалци. Пораката што ја пренесуваат е јасна: превенцијата е најдобриот третман, а навиките стекнати во детството се темел на здравјето во текот на целиот живот.

Овие признанија се уште една потврда за посветеноста на „Арс Ламина“ на објавувањето квалитетни изданија од областа на науката, културата и образованието. Во 2025 година, наградата му беше доделена на доајенот на македонското спортско новинарство и автор Зоран Михајлов за првата биографија посветена на животот и спортските успеси на Дарко Панчев. Во 2019 година, добитничка на наградата беше фотографката Ерина Богоева за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963–1990)“.