Со арматурни кафези тешки по 30 тони се стабилизира земјиштето на трасата на автопатот Кичево – Охрид кај Ботун
На делницата кај селото Ботун од автопатот Кичево – Охрид се применува специјална техника за стабилизација на земјиштето, со која под земја се создава цврста конструкција што треба да ја обезбеди стабилноста на основата на автопатот – изјави денеска министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски.
Николоски заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, денеска изврши увид во работите на стабилизација на косините на трасата кај Ботун.
Тој појасни дека станува збор за дел од трасата со исклучително нестабилно земјиште, дополнително оптоварено со присуство на вода, поради што неговата изградба е значително посложена во споредба со другиот дел од автопатот.
– Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Околу вас можете да видите дека ќе се работи за црна графитна земја, која е најнестабилна земја што воопшто може да се најде. Тука дополнително има многу вода, што може да се види по вегетацијата и кога водата ќе се спои со графитот, тогаш станува каша и нема никаква стабилност – рече Николоски.
Тој посочи дека уште во 2024 година биле ангажирани домашни експерти, професори и најискусни стручни лица, во соработка со светски научници и експерти, кои применувале вакви решенија во други делови од светот, како и со експерти од „Синохидро“.
– Решението го имаме зад нас. Стабилизацијата ќе оди со една специјална техника, која потоа ќе биде скриена од автопатот, па, за жал, никој повеќе нема да може да ја види и затоа сакавме денеска да ја презентираме – рече Николоски.

Тој објасни дека во зафатот за стабилизација се анагажирани три машини, кои тежат по 130 тони, со најава дека ќе бидат донесени уште две до пет такви машини.
Машините навлегуваат во земјата на длабочина од 20 до 28 метри, што, како што рече Николоски, одговара на висината на зграда од седум до 11 ката. Во земјата се поставуваат арматурни кафези, од кои секој тежи 30-ина тони, а потоа се полнат со бетон.
– Помеѓу нив има цевки и челични јажиња, кои ги држат едните со другите, и практично под земјата создаваме една целосна структура, која треба да ја држи основата на автопатот – објасни Николоски.
Тој рече дека такви решенија вкупно ќе бидат применети на 250 места на автопатот Кичево – Охрид, од кои 163 кај Ботун, а другите на други делови од трасата, меѓу другото, кај и кај Кнежино кај Кичево.
Според него, иако галериите се еден од најатрактивните делови од автопатот и претставуваат особено инженерско достигнување, делницата кај Ботун е убедливо најтешкиот инженерски дел.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, посочи дека стабилизацијата на косините е еден од главните проблеми на проектот. Тој објасни дека врз основа на извршените геоистражувања се изработени два клучни проекти за стабилизација – едниот со галерии, а вториот со бетонски столбови.
– Кај Ботун се применува оваа технологија со бетонски столбови. Проектот е изработен од страна на ГИМ, во координација, консултација и соработка со инженерите од „Синохидро“ – рече Трајановски.
Тој додаде дека искуството на кинеските инженери е пренесено во соработката со инженерите и проектантите од ГИМ и оти со ова решение се очекува сигурна стабилизација на косините кај Ботун.
Николоски информира дека од вкупната должина на автопатот Кичево – Охрид е 57 километри, досега се изградени 37 километри, а 34 километри се во функција.
Тој најави дека во следните два месеци ќе биде пуштен во употреба и најкомплицираниот дел од автопатот – тунелите кај Пресека.

– Тоа е делот на тунелите кај Пресека, кои се најдолгите тунели во Македонија. Едната цевка е долга 2,1 километри, а втората 1,9 километар. Дополнително, имаме уште пет галерии, од кои четири се готови – рече Николоски.
Тој додаде дека најтешкиот дел од десетина километри, од Подвис кај Кичево до Врбјани, во следните два месеци ќе биде ставен во функција.
– Тоа значи дека тогаш ќе имаме функционални 47 километри. Остануваат уште десет километри, нешто над Кичево и главно овде каде што сме денеска. Се надевам дека ќе нè послужи времето. Не мора да биде идеално како денес, но се надевам дека нема да имаме големи мразови и снегови – рече Николоски.
Тој изрази очекување дека во предвидениот рок, односно во првата половина на следната година, ќе биде пуштен во употреба целиот автопат.
– Во предвидениот рок, а тоа е првата половина на следната година, ќе имаме функционален автопат и што е мошне значајно – автопат со употребна дозвола – рече Николоски.
Во врска со реакциите на екологистите, кои велат дека лошото планирање и недостигот на документација предизвикале еколошки нарушувања на гео- и биодиверзитетот во сливното подрачје на Треска, поради што дошло и до помор на рибите, Николоски рече дека тоа на ниеден начин не е поврзано со изградбата на автопатот.
– Автопатот воопшто не е поврзан со изворите на Треска – рече Николоски.