До 2030 година 38 отсто од бруто финалната потрошувачка на енергија ќе биде од обновливи извори


Напредокот на Македонија и исполнувањето на преземените обврски се позитивно оценети во последниот „Извештај за оценка на усвоените национални планови за енергија и клима 2025–2030 и напредокот во 2025 година кон енергетските и климатските цели во Енергетската заедница“, информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и додаваат дека со тоа навреме ја исполниле обврската кон Енергетската заедница.

Навременото известување, како што велат, претставува потврда дека Министерството доследно ги спроведува обврските преземени со Националниот план за енергија и клима (НПЕК) и континуирано работи на унапредување на националната енергетска и климатска политика.

-Обновливите извори на енергија имаат централна улога во енергетската транзиција на Македонија. Учеството на чистата енергија во производството на електрична енергија бележи забрзан раст, особено преку интензивниот развој на фотонапонските и хидроенергетските капацитети. Резултатите покажуваат дека динамиката на развој на обновливите извори веќе ги надминува поставените очекувања во однос на инсталираниот капацитет на електроцентралите од обновливи извори на енергија, над националната цел и индикативната траекторија утврдени со НПЕК, посочуваат од МЕРМС.

До 2030 година, како што нагласуваат, НПЕК предвидува 38 процентен удел на енергијата од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија, со растечки тренд во сите клучни сектори – електрична енергија, греење и ладење и транспорт.

-Националните цели за обновлива енергија се усогласени со рамките на Енергетската заедница и ги исполнуваат минималните барања во сите четири категории опфатени со НПЕК. Министерството континуирано работи на креирање и спроведување нови политики и мерки за поттикнување на инвестициите во обновливи извори, унапредување на регулаторната рамка и забрзување на процесот на декарбонизација. Во следниот период приоритет останува намалувањето на примарната енергетска потрошувачка, развојот на обновливите извори и унапредувањето на енергетската ефикасност, паралелно со зајакнувањето на внатрешниот енергетски пазар, прецизираат од МЕРМС.

Како особено значајни ги оценуваат мерките за пазарно поврзување, активно учество на потрошувачите, сопствено производство и потрошувачка на електрична енергија, енергетски заедници, системи за складирање енергија и воведување паметни мерни системи.

-Со овие активности, Министерството продолжува да го поставува енергетскиот сектор на патека кон поголема енергетска сигурност, повеќе домашно производство од обновливи извори и поефикасен и модерен енергетски систем, во согласност со националните цели и европските стандарди, потенцираат од МЕРМС.

Линк до објавата на извештајот – https://www.energy-community.org/dam/jcr:98276fa9-0be0-45ed-b01c-d272e8fa4b3e/ECS_NECP_Assessment_Report.pdf