Што ќе значи за Македонија асоцијативното членство на Канада?
Македонија повторно е прескокната, а некои би рекле онеправдана со новосоздадениот статус за Канада. Зошто? Бидејќи не знае каде сака да оди и каде припаѓа
Додека Македонија со години дебатира дали ќе се распадне Европската унија и ќе има ли воопшто нови проширувања, ЕУ оди напред. На општо изненадување, денес од Европскиот парламент претседателката на Европската комисија повлече историски потег – и понуди статус асоцијативна членка на Канада.
Некои медиуми најавуваат дека е можно тој чекор да го следи и Австралија, што ќе и даде на ЕУ нов лик и нова моќ , заедно со 80-те договори за партнерства што ги потпиша ЕК со исто толку земји во светот. ЕУ се движи со гигантски чекори напред, а Македонија и натаму е само набљудувач.
Дека е така се виде и од говорот на Лајен која едвај ги спомена земјите од Западниот Балкан во денешното обраќање, а на Македонија веќе со месеци не и се слуша името во Брисел. Таа најави дека ЕК ќе понуди патокази за земјите-кандидати „што постигнале најголем напредок“, за првпат јасно оставајќи порака меѓу редови дека тие што не сакаат да ги следат европските вредности нема што да бараат на преговарачката маса на ЕУ.
Целиот говор на Лајен всушност беше јасна најава дека ЕУ нема намера да прави компромиси со тие што се колебаат и седат на други столици истовремено и дека, ако сакаат членство, вратата им е отворена, ако не сакаат – нека си бираат опции надвор од Унијата. Практично Лајен најави дека ја претвора ЕУ во Алијанса на иднината опишувајќи го тоа најдобро со пораката упатена до Марк Карни, премиерот на Канада – дека гледаат со исти очи на светот.
За нас кои вообичаено ги следиме настаните површно и праволиниски, дилемата е што ќе значи асоцијативниот статус на Канада за статусот на преговорите за членство на Македонија? Главната позитивна вест е дека за првпат Македонците дома и Македонците иселеници преку океанот ќе живеат во ист „свет“ и ќе работат на иста меѓународна агенда. Негативната вест е дека Македонија повторно ја преспива историјата и не гледа како брзо се трансформиура Унијата, дека нема веќе простор за компромиси со други вредности, дека веќе никого нема да чека и дека македонските интереси најдобро можат да се препознаат во целите што ги наброја претседателката на ЕК.
Таа имено порача дека ЕУ се потврди како „најдобра заштитничка на суверенитетот на земјите“’ – наспроти политиката на администрацијата на Доналд Трамп која ги таргетира економските богатства на земјите, гради енергетски коридори за да им продава само американски енергенси, па и покажува територијални аспирации таму каде што има нафта, минерали и простор за хотели.
Лајен исто така порача дека ЕУ ќе го брани секој сантиметар од земјите членки и најави воведување на Членот 4 од договорот за НАТО како инструмент и во ЕУ, т.е. уште еден чекор напред во заедничката одбрана – во време кога не се знае дали НАТО ќе опстои, кога Трамп го разградува од внатре и никој не е сигурен дека ќе ги почитува неговите одредби за одбрана на сојузниците, од кои на еден му се закануваше со анексија. Практично почна процесот на креирање на европски НАТО, а Македонија едвај влезе во стариот.
Лајен најави и создавање на Европски совет за безбедност, нов механизам кој ќе ги обедини земјите членки и некои надворешни партнери околу одговорот на руските хибридни закани за кои Лајен рече дека „помалку се хибридни, и се помналку се закани“ – во смисла дека се напади. Духот на можната војна со Русија виси се повеќе над Европа, а Македонија седи на два стола – и против Русија и за САД, за кои никој не знае за што всушност се залагаат околу агресијата врз Украина. Ако на време не сфати кои и се интересите може да заврши со прстот во уста,т.е. сама да се справува со последиците од непријателскиот свет што се создава.
Лајен исто така кажа дека ЕУ сега е најголема трговска сила во светот ослободена од токсичната енергетска зависност од Русија и ќе продолжи да ја јакне својата енергетска слика, преку политиката за зелена енергија пред се, бидејќи заради војната на САД со Иран досега изгубила 90 милијарди евра, а не купила ни грам повеќе гориво. Таа најави продолжување на климатските политики со порака дека оваа жешка година нема веќе да и се повтори на ЕУ, практично одејќи контра американските негирања дека воопшто има некакви случувања на овој план поради прекумерната употреба на фосилни горива. Кај ќе се сврти Македонија кога ќе горат повторно шумите, ќе пропаѓаат жетвите, ќе се загадуваат водите, ќе се сушат реките и исчезнуваат шумите и храната?
Токму на оваа тема најдобро се виде всушност целото заостанување на нашата држава – и тоа ментално многу повеќе отколку материјално. Имено, додека Лајен најавува европски план за топлотните бранови, во Македонија и натаму главна дебата е каква гаранција да побараме за идентитетот и јазикот. И додека Лајен предупредува дека пред наши очи се одвиваат војни за територии, борби за ресурси и напади на демократијата, никој овде не се запрашува кој е интересот на Македонија во ваквата констелација и дали сме ние меѓу тие „застапници и марионети на авторитарци“ што ги посочи претседателката на Европската комисија. Поентата е дека не знаеме каде одиме и функционираме по логиката „купи ден продај“ во време кога ЕУ и целиот демократски свет ги мобилизира силите. И, тоа Брисел го гледа, и не случајно претседателката не не спомена ни со име во говорот. Или, според речиникот популарен до неодамна, Македонија исчезнува полека од радарот на Брисел кој има покрупни планови од нашите дневни калкулирања околу перспективите на државата, особено кога ама баш со ништо не можеме да придонесе за решавање на проблемите со кои сега се соочува Европа, наспроти да споменеме како пример, тоа што го прави Украина иако е окупирана држава.
Она што најмногу се виде денес е сепак како изгледа една посакувана земја за членка на ЕУ и колку Брисел е подготвен да биде иновативен кога некој вреди за приклучување, нешто што Македонија многу подобро го демонстрираше во минатото. Со волку крупни држави на иста линија и со разни статуси (Обединетото Кралство, Канада, Австралија, Украина) дали ќе влезе или не Македонија – безмалку станува безначајно прашање за Брисел, во ситуација кога Македонија не може да си го собере ни ѓубрето од улиците ако не и даде возила Унијата.
Сумирано кажано, статус асоцијативна членка воопшто не постои во моментов во ЕУ и практично би требало да се создаде од нула за потребите на нов вид односи со Отава. Тоа нема да го загрози директно евроинтегрирањето на Македонија бидејќи е надвор од категоријата во која „плива“ нашата држава, но како потег може да отвори нови идеи и опции за тоа како да се приклучуваат земјите кандидати за членство во Унијата. Партнерството со Канада е озаглавено како „ партнерство за економска соработка и безбедност“ и отвора врата за потесна соработка околу трговијата, технологијата, одбраната, критичките минерали, ВИ, сајбербезбедноста, енергијата и индустриската соработка. Некој би рекол – можеби тоа е подобар статус од членство за Македонија, но што на овој план има да понуди нашата држава кога влегувањето во ЕУ се гледа како спас за кризата во која институционално и економски се наоѓа? ЕУ ни треба повеќе на нас отколку ние на ЕУ, па од тој аспект приклучувањето на Канада како асоцијативна членка ја јакне европската економија и безбедноста, а од тоа индиректно корист има и Македонија.
Иако е рано да се проценува, засега нема сигнали дека новиот статус на Канада може да го замени или деградира ветеното членство за Македонија во Унијата, но многумина ќе го искористат овој развој за да тврдат дека нашата држава повторно е „онеправдана и прескокната“, како што тврдеа за Украина. Македонија не може да очекува и натаму сите да стојат додека таа талка во надворешната, а сега и безбедносна политика. Од Канада пред се може да научи како и колку брзо некои земји носат клучни стратешки одлуки.