Лајен објави: Канада е првата асоцијативна членка на Европската унија
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во своето редоивно годишно обрачање во Европскиот парламент за состојбата во Унијата, објави дека Канада стана првата земја асоцијативна членка на ЕУ – нешто што не постоеше како статус досега. Во силниот говор проследен со многу аплаузи, Лајен се заложи за Европа која ќе ги брани своите вредности, за вештачка интелигенција со хуман лик, за поголема енергетска независност, за обединетост кон заканите од Русија , за ребалансирање на односите со Кина и за градење нови партнерства. Притоа таа оцени дека ЕУ е во „најсилна“, но и во „најнесигурна“ состојба досега и го најави формирањето на Европски совет за безбедност, прв таков во историјата.
„Да нема сомневање. ЕУ ќе го брани секој сантиметар од европската територија“, порача Лајен.
Потоа, Фон дер Лајен се осврна на инвестициите и растот, како и на следниот буџет на ЕУ. Таа зборуваше за потребата од поедноставување и справување со фрагментацијата во областа на инвестициите, со цел да се помогне во финансирањето на европските стартап-компании. Притоас, особено го истакна успехот на „ICEYE“ – компанија за радарско сателитско снимање и вселенски надзор, основана од Финецот Пека Лаурила и Полјакот Рафал Моџевски, откако се запознале преку студентската програма за размена „Еразмус“ пред 15 години.
„Денес тие се една од водечките светски компании за вселенска технологија“, вели таа. „Вие сте вистинска европска приказна за успех.“
Зборуивасјќи за трговските односи на ЕУ со Кина таа рече дека се „неодржливи“ и треба да се ребалансираат. Според неа, трговскиот дефицит на ЕУ со Кина сега изнесува 1 милијарда евра дневно и „достигнал критична точка“.
„Некои велат дека се наѕира втор ’кинески шок‘, но тој е веќе тука. Тоа се гледа во нашите заедници и фабрики низ Унијата. Тоа води кон деиндустријализација во индустриските центри на Европа. Ова е неодржливо.“
Таа вели дека ЕУ „ќе ги искористи сите расположливи средства за да ги ребалансира односите“.
Во однос на потребата од диверзификација во однос на критичните суровини таа порача дека мора да се електрифицира Европа и да се реформира европскиот енергетски пазар. Таа вели дека „Европа не може да остане индустриска сила ако цените на енергијата се структурно превисоки“.
Таа наведува дека Унијата успешно се преориентирала кон домашни, почисти извори на енергија по целосната руска инвазија врз Украина, но сепак подоцна „болно ги почувствувала трошоците“ поради затворањето на теснецот Хормуз.
„Мораме да ги интензивираме напорите за достапна и домашна чиста енергија. Без разлика дали станува збор за обновливи извори или нуклеарна енергија, биометан или друго. Технолошки неутрално. Но, овие енергии мора да ни обезбедат независност и да ги намалат цените на енергијата.“ Таа вели дека голем капацитет за обновлива енергија чека да биде приклучен и дека ЕУ треба да го забрза процесот на приклучување кон мрежата.
Зборувајќи за економијата таа оцени исто така декас „поттикнувањето на европската економија е приоритет број еден“, бидејќи Европа треба да ги искористи предностите на својот огромен пазар, како и на индустриите и услугите од светска класа. Таа вели дека единствениот пазар сè уште е премногу фрагментиран и дека се потребни дополнителни реформи, со цел тој да се заокружи до крајот на следната година.
„Во денешната економија, брзината е од клучно значење. Добивањето трајна дозвола или пополнувањето формулар, приклучувањето кон мрежата или одлуката за финансирање – сето тоа може да одреди каде ќе се реализира инвестицијата и каде ќе се отворат работни места. Мораме да дејствуваме многу побрзо“, вели таа. Притоа ја нагласи и потребата од поедноставување на правилата.
Во делот на надворешната политика Лајен предупреди на опасноста од антиевропските ултранационалисти и од Русија, кои како што рече „ги презираат нашите вредности“. Фон дер Лајен ја претставува ситуацијата како избор помеѓу „независна Европа која се залага за своите вредности во овој свет“ и „дозволување поделбите и зависностите да нè кочат“.
„Дали сакаме да се обединиме околу нашата европска идеја дека заедно можеме да одлучуваме за сопствената судбина? Или ќе дозволиме нашите демократии да бидат поткопани од застапници и марионети на авторитарни режими? Без разлика дали станува збор за ултранационалисти или антиевропски сили, за руско мешање или дезинформации – имињата можеби се различни, но целта им е иста. Тие ги презираат нашите вредности и сакаат да го урнат нашето европско единство. Затоа, не само што треба да се спротивставиме на тоа, туку треба и заеднички да се бориме за нашиот европски идеал“, рече Лајен.
„Се соочуваме со отворено непријателски свет“, додаде Лајен, оценувајќи дека „старите претпоставки и односи се нарушени“. Таа зборуваше за „територијална агресивна војна“ во Украина, за „борба за индустриски капацитети“ и „наративи“, како и за „вртоглавиот дискурс за промени и технологија“ што влијае врз животите на луѓето.
„Ова го гледаме во подемот на екстремите и губењето на нијансите, дури и во начинот на кој се однесуваме едни кон други. Овие реални грижи се користат како оружје за да се создаде раздор меѓу нас – понекогаш однадвор, но пречесто и однатре.Но, нашиот пат е јасен. Изградба на независна Европа која има моќ да дејствува. Ништо не може да нè одврати од тоа. Зашто, во овој свет, судбината на Европа мора да остане во рацете на Европејците.“
Притоа таа оцени дека ЕУ е „најсилна“, но и „во најнесигурна положба“ досега цитирајќи го на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција: „Беше тоа најдоброто време; беше тоа најлошото време“.
„Тоа е и соодветен опис на светот во кој живееме“, вели таа, додавајќи дека „брзината на промените е неверојатна. Би рекла дека состојбата на нашата унија е посилна од кога било досега. Но, истовремено, таа состојба може да делува и понесигурно од кога било. Овие две тврдења можеби изгледаат неспоиви, но и двете се вистинити и ги одразуваат овие исклучителни времиња“.
Таа вели дека Европа „одбрала да го трасира сопствениот пат“ додека се движи низ „сложената ера на… големи можности и… големи опасности“.
Европа се „ослободува од токсичната зависност од руските фосилни горива“, е подобро подготвена да се брани од кога било претходно и цврсто стои зад своите вредности, заедно со Украина и Гренланд, рече таа заклучувајќи дека „во студената кревкост на денешниот свет, само Европа може да им обезбеди вистински суверенитет на Европејците“.
Лајен посвети голем дел од говорот и на пеколните жештини низ Европа годинава прогнозирајќи дека оваа можеби ќе биде најстудената година во однос на тоа што не очекува во иднина. Таа вели дека „нашата идна благосостојба и безбедност во голема мера ќе зависат од тоа како ќе управуваме со клучните пресвртни точки: климатските промени и вештачката интелигенција“.
Во однос на климата, таа вели дека „ова лето беше лето на вистината“, при што „речиси ниту еден дел од нашиот континент не беше поштеден“.Таа набројува погодени места и реки, при што изгореле 660.000 хектари земјиште, изгубени се околу 12 милиони тони земјоделски култури, а забележани се и над 35.000 смртни случаи над вообичаениот просек.
„Сето ова е само вовед. Ова беше најжешкиот летен месец досега, но веројатно најстудениот од годините што доаѓаат.“
Таа вели дека „транзицијата е сложена и ќе треба да се прилагодуваме и учиме попатно“, но „нема сомнеж: Европа може, мора и ќе продолжи по зацртаниот пат кон нашите климатски цели“.
Таа најавува дека ЕУ следниот месец ќе предложи нов пакет за климатска отпорност, како и посебен пакет за подготвеност за топлотни бранови, кој ќе вклучува правила за урбана адаптација и ладење. Притоа, пред Парламентот оддаде почит на пилотот на хеликоптер кој загина гаснејќи шумски пожари во Грција.
Потоа, Фон дер Лајен се осврнува на безбедноста на водата и храната, нагласувајќи ги „ризиците од недостиг на вода за нашите земјоделци, малите и средни претпријатија, енергетиката и синџирите на снабдување“.
„Сепак, низ европските цевководи се губи речиси еден од секои четири литри вода, главно поради протекување. Какво расипништво.“
Таа им оддава признание на европските земјоделци за нивната издржливост ова лето и вети дека ќе ги „поддржува на секој чекор од нивниот пат“.
Потоа се осврна на шумските пожари, предупредувајќи дека тие „стануваат поинтензивни, почести и позастапени на пошироки подрачја“.
„Мораме да размислуваме покрупно и да учиме побрзо“, вели таа.
Таа наведува дека ЕУ ќе работи на својата подготвеност и на правилата за постапување во вонредни ситуации.Таа особено оддаде почит на 46-годишниот дански пилот, Руне Ки.
Фон дер Лајен потоа преминува на темата за правата на жените, предупредувајќи дека „некои луѓе сакаат да направат чекор назад“ во таа област.
„Тие сакаат да нè вратат во времето кога жените беа граѓани од втор ред. Напорно се боревме за еднаков третман, еднакви можности и еднакви плати. Погледнете низ оваа сала. Конечно, тука сме многу: претседатели, потпретседатели, лидери на групи, комесари, пратеници во Европскиот парламент, вработени и службеници.Затоа, дозволете ми да испратам многу јасен сигнал и порака. Жените се тука и ќе останат тука. Ние ќе ги браниме нашите права. И ќе продолжиме да се залагаме за нашите вредности секој ден.“
Таа се осврнува и на други социјални предлози, вклучително и оние за домувањето, „за да се справат со краткорочното издавање и шпекулациите со недвижности“. Лајен потоа премина на прашањето за вештачката интелигенција. Таа вели дека ставот на Европа е јасен: Европа сака „максимално да ја искористи“ технологијата за да ги „подобри нашите општества, квалитетот на живот и продуктивноста“, но е свесна за „огромните ризици“ што доаѓаат со нејзиното воведување.
„Како што моделите од најновата генерација (т.н. ’frontier models‘) стануваат сè поспособни, така и овие ризици стануваат поизразени и сè повеќе доаѓаат во преден план“, вели таа.
„Извршните директори на најнапредните компании ни велат дека е време да се забави темпото кај моделите со способност за саморекурзија, за да се контролира развојот на оваа напредна технологија. Ако луѓето што ја развиваат технологијата имаат јасен став, тогаш и ние треба да имаме таков.“
Таа вели дека ЕУ ќе дејствува „заеднички и одлучно“ со партнери кои делат исти ставови, како Канада и Обединетото Кралство, работејќи особено на „евалуација и верификација на моделите, системи за рано предупредување и безбедност на вештачката интелигенција“.
Таа додава дека ЕУ ќе ги покани главните лаборатории што работат на овие напредни технологии на разговори за тоа како можеме да ги поддржиме тековните напори на индустријата за управување со темпото на развој.
Таа исто така вели дека на Европа ѝ се потребни „сопствени капацитети“ и дека мора „драстично да ги зголеми компјутерските капацитети“. Потоа истакна дека „следната фаза од оваа трка не се однесува само на моделите од најновата генерација“.
„Исто како и со печатарската машина во минатото; таа беше измислена од германски пронаоѓач, но нејзината примена беше усовршена и проширена низ цела Западна Европа. Значи, не мора ние да ја развиваме самата напредна технологија за да бидеме оние што ќе извлечат најголема корист од неа. Клучот е во создавањето на вредноста што вештачката интелигенција сè уште ја нема испорачано.“
Таа вели дека ЕУ може да предводи во примената на технологијата во реални ситуации, без разлика дали станува збор за фабрички погон, болничко одделение, прецизно земјоделство или автономно возење.
„Токму тука се крие вистинската вредност и тука Европа има големи предности.“
Таа особено зборува за примената на вештачката интелигенција во здравството.
„Дали сакам мојот лекар да има моментален пристап преку вештачка интелигенција до сите податоци потребни за да се донесе најдобрата одлука за дијагноза и третман? Да, секако. Но, дали сакам мојот лекар да биде робот? … Не, се разбира дека не. Не сакам робот да ми каже дали имам рак или не. Поентата е дека вештачката интелигенција треба да им даде поголема моќ на лекарите, а не да ги замени. А ова е само еден пример.“
Таа вели дека пристапот на ЕУ е јасен: „ние сакаме вештачка интелигенција; сакаме таа да создава поголема вредност и да поттикнува поголема одговорност, притоа со пониски трошоци и помала потрошувачка на енергија.“ „Но пред сè, сакаме вештачка интелигенција во која човекот ја задржува контролата. Тоа е суштината на европскиот пристап.“