Селена Гомез, сепак е моден победник на „Еми 2026“
Лос Анџелес – 78-то доделување на наградите „Еми“ кој се одржа во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес е предвесник како сезонава ќе изгледа црвениот килим на гала настаните. Тоа беше вечер на големи телевизиски победници, емотивни моменти и раскошна модна ревија на црвениот тепих. Церемонијата за прв пат ја водеше Маришка Харгитај, ѕвездата од серијата „Закон и ред: Единица на жртви“, која се покажа како многу добронамерна водителка на вечерта и одлично се справи со таа улога.
Меѓу најзначајните модни изданија всушност беа креации од класични силуети. Доминираа црните фустани, но се издвоија и оние во бела, сребрена, златна и нежни пастелни нијанси. Една од најголемите модни ѕвезди на вечерта беше Зендаја, која се појави во сребрен фустан од модната куќа Прада и со нова пикси фризура која совршено ѝ стои. Селена Гомез се одлучи за спектакуларен златен фустан од Луј Витон кој ја рефлектираше светлината речиси како диско топка, додека Никол Кидман блескаше во Шанел. Ајо Едебири исто така привлече големо внимание во креација од Шанел со огромна машна, додека водителката на доделувањето, Мариска Харгитај, избра црвена креација за црвениот тепих.
Ние, сепак се одлучивме за изгледот на Селена Гомез, која одамна влезе во клубот на милијардери, кој беше доволно блескав и уникатен за црвениот килим на ТВ Оскарот.

Актерката и пејачка се појави во златен фустан од Луј Витон, направен од тил и покриен со светкави детали кои на фотографиите изгледаа како ситни огледала.
Моделот без прерамки имаше нагласен корсет и ја следеше линијата на телото, додека на долниот дел малку се разгоре во крој во стил на сирена. Поради металната површина, фустанот го менуваше својот сјај со секое движење, па на Селена не ѝ беше потребна впечатлива чанта или дополнителни модни детали.
Таа го надополни изданието со дијамантски накит од куќата Тифани, додека долгата темна коса стилизирана во лабави бранови и нежната шминка го омекнаа раскошот на фустанот. Карминот во боја на бобинки и маникирот со розово-златен сјај особено се издвоија.
Селена овој пат не беше номинирана за награда за глума, но на церемонијата пристигна како извршен продуцент на серијата „Само убиства во зградата“. Серијата имаше пет номинации, вклучувајќи ја и онаа за најдобра комедија серија, додека Мартин Шорт беше во трка за најдобар глумец.