Собранието го повлече предлогот за избор на нов член на Судскиот совет


Фото: Б. Грданоски

Собранието, денеска, во рамките на продолжението на 94. седница не гласаше за нов член на Судскиот совет. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, информира дека материјалот е повлечен од седницата.

Изборот на член на Судскиот совет требаше да се изврши меѓу двајца кандидати, кои ги исполнуваа условите и кои го минаа филтерот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Постапката за избор на член на Судскиот совет се очекува набргу да биде повторена.  

Собранието денеска одржува продолженија на неколку седници. Во рамките на 122. пленарна седница изгласа повеќе закони, главно усогласувања со Законот за високите раководители. Од дневниот ред беше повлечен предлогот за претседател и членови на наградата „Мајка Тереза“. 

Пратениците ги изгласаа законите за изменување на Законот за застапувањето на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, на Законот за комуналните дејности, на Законот за градењето, измени и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, измени на Законот за санитарната и здравствената инспекција и измени и дополнувања на Законот за рестриктивните мерки, сите по скратена постапка. 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги информира пратениците дека предлагачот ги повлекол предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2026 година и предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2026 година, кои беа на дневен ред на 73. седница. 

Работата на парламентот продолжи со 100. пленарна седница и дебата за годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2025. На дневен ред на оваа седница се и посебните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во Република Северна Македонија и на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за повторни избори за градоначалник на општина Гостивар, градоначалник на општина Врапчиште, градоначалник на општина Маврово и Ростуше и за градоначалник на Центар Жупа – 2026 година.