ДОМ: Ако профитирате од нашето сонце и ветер, мора да изградите полначи за возила за народот!
Додека енергетските олигарси профитираат од „зелената транзиција“, граѓаните се оставени да плаќаат прескапи фосилни горива. Истовремено, секоја помала приватна иницијатива за поставување полначи за електрични возила во градовите наидува на непробоен административен ѕид поради застарените закони и ограничувачките мрежни правила. Затоа, ДОМ бара итно политичко делување и воведување на строги регулативи кои ќе го штитат јавниот интерес:
– Обврска за инвестирање во ЕВ инфраструктура: секој приватен инвеститор кој добива дозвола за изградба на големи соларни централи или ветропаркови преку искористување на државните природни ресурси, законски да се задолжи дел од произведените киловат-часови да ги преточи во мрежа на јавни полначи за електрични возила. Ако профитирате од нашето сонце и ветер, мора да изградите и да ги одржувате полначите за возила за народот!
– Демонополизирање на енергетскиот сектор: итна измена на Законот за енергетика со што ќе се дозволи директна продажба на електрична енергија на мало за потребите на инфраструктурата за полнење, ставајќи крај на апсурдната правна гимнастика со наплата на „време и услуга“.
-Итна ревизија на мрежните правила: крај на неправедните услови во постоечките мрежни правила. Потребни се флексибилни мрежни правила, брзи процедури и реално олеснување за поставување полначи во урбаните средини.
– Фонд за електрификација: средствата собрани од еколошките такси директно да се пренаменат во развој и субвенционирање на јавната мрежа за полнење и субвенционирање на електричните возила.
Зелената транзиција не смее да биде само профитабилен бизнис за неколкумина! Време е државата да почне да работи за граѓаните, за нивниот буџет и за почист воздух, а не за заштита на старите монополи“, порачуваат од ДОМ.