Македонската царина со нова опрема, информатичка инфраструктура и 26 возила за царински контроли и истраги


Македонската царина доби современа опрема и возила кои ќе се користат за спречување на нелегалната трговија и за поддршка на трговијата. Денеска на царинскиот терминал Табановце пред претседателот на Владата Христијан Мицкоски, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас беа презентирани резултатите од реализацијата на Акцискиот документ, со кој е обезбедена поддршка за модернизација и унапредување на оперативните и технолошките капацитети на Царинската управа. Опремата е во вредност од четири милиони евра.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во обраќањето рече дека опремата ќе ја зголеми ефикасноста и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

-Мораме да покажеме дека да се биде криминалец и да се занимаваме со криминал е неисплатлива професија. Вие (царината) сте практично на првата линија на одбраната на законот и на владеењето на правото и затоа ќе треба во таа насока да продолжите и во периодот којшто следи да се движите. За жал, имаме и такви случаи кога има поединци коишто се одлучуваат да бидат сојузници на криминалот и криминалците. Се надевам дека тоа се само мали, несреќни, епизоди исклучоци. Оваа влада има сериозна намера да застане на патот на тие коишто одлучиле да бидат сојузници на криминалот и порано или подоцна сакам јасно да кажам на македонскиот јавност и на граѓаните дека тие ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, да се занимавате со криминал мора да биде неисплатлива работа и тоа е главната цел на ова Влада – рече премиерот.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас рече дека се одвоени четири милиони евра за чеири проекти во рамки на програмата „ЕУ против организираниот криминал во поддршка на трговијата“. Тој потсети дека Царинскиот терминал Табановце бил изграден со средства на ЕУ. За новата опрема, амбасадорот истакна дека е конкретен пример за резултатите од заедничкото и ќе ги зајакне капацитети на службениците.

-Денешниот настан доаѓа во вистинско време, затоа што ова есен ќе ја започнеме новата кампања на ЕУ фокусиран на транспортот, како и поврзаноста. Тоа што го гледаме денеска е голем дел од нашата замисла, а тоа се подобри патишта помодерни гранични премини и поефикасни царински услуги. Сите овие работи всушност имаат една цел, полесно движење, побезбедни граници и подобри услови за граѓаните како и за деловните субјекти, рече Рокас.

Во обраќањето амбасадорот кажа дека Европската унија е најголемиот трговски партнер на земјава, со учество од 76 отсто од нејзиниот извоз, нагласувајќи дека ЕУ вложува во капацитетите на македонската царина за да се усогласи со пазарот којшто го сочинуваат над 450 милиони потрошувачи како и околу 30 милиони деловни оператори. Рокас кажа дека т.н. „зелени коридори“ овозможуваат покрактко време за чекње, помалку трошоци за опареторите, подобри врски помеѓу земјите, побезбедни граѓани.

За министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, инвестицијата за Царината има повеќекратно значење, но и за државата во заштита на финансиските интереси во борба против организираниот и прекуграничниот криминал и во создавање услови за побрза и поедноставна трговија за дигитализацијата која е важна за економските оператори.

-За царинската управа тоа пак значи подобри поквалитетни податоци поголема безбедност и подобра поврзаност на системите овие промени имаат и уште една важна димензија. Тие се дел од процесот на усогласување со европските царински стандарди и од нашите подготовки за интеграција во единствениот пазар и царинската унија на ЕУ-рече министерката.

За значењето на царинската управа за јавните финансии говорат и бројките. Во првите осум месеци од годината приходите од увозни давачки изнесуваат близу 10,5 милијарди денари што е раст од 9,7 проценти во однос на истиот период мината градиме, кажа министерката.

Директорот на Царинската Управа, Бобан Николовски кажа дека европската интеграција не се спроведува само преку стратешки документи и реформи туку и преку конкретни проекти, поддршка и заедничка работа и соработка.

-Обезбедена е современа специјализирана опрема за царинска контрола, истраги, опрема за откривање, идентификување на недозволена трговија, форензичка опрема како и современа информатичка инфраструктура. Значајно е што се обезбедени 26 специјализирани возила за секторот за контрола и истраги за мобилните царински тимови за К9 тимовите меѓу кои специјализирано возило за транспорт на привремено задржани лица. Ова не се само материјални средства ова се алатки со кои нашите царински службеници секојдневно ќе можат поефикасно да извршуваат својата работа да ги препознаваат ризиците, да спречуваат нелегалната трговија, да откриваат шверц и да придонесуваат кон нелегалната борба против организираниот и прекуграничниот криминал-рече Николовски.