Камен мост затворен за пешаци – ќе се осветлува


Фото: Б. Грданоски

Камениот мост во центарот на Скопје е затворен за движење на пешаци поради интервенција на осветлувањето, кое по долгогодишен период на нефункционирање ќе се санира со пари од турската општина Есенлер.

Работите ги изведува Град Скопје, а додека трае интервенцијата пешаците не можат да го користат мостот за преминување од едната на другата страна на Вардар.

Осветлувањето на еден од најпрепознатливите симболи на Скопје со години беше во лоша состојба. На делови од мостот останаа само кабли од украдените светилки, поради што Камениот мост во вечерните часови беше во мрак, посочуваат од Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за таа цел имаше средба со делегација од турската општина Есенлер и со раководството на Халкбанк АД Скопје, пред неколку месеци, на која беше потпишан Протокол за пријателство и соработка за имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.

„Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи LED-светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што мостот ќе добие нова естетска димензија и уште посилно ќе го истакне својот историски идентитет. Со новото декоративно осветлување, Камениот мост ќе добие уште поголема препознатливост и ќе стане вистински ноќен симбол на Скопје, кој ќе ја истакне богатата историја и убавината на нашиот град. Упатувам искрена благодарност до Општина Есенлер за поддршката и посветеноста во реализацијата на овој значаен проект, како и до Халкбанк АД Скопје и до сите институции и поединци кои придонесоа за неговата подготовка и реализација. Оваа соработка е уште една потврда за силните пријателски односи, меѓусебната доверба и заедничката посветеност во унапредување и зачувување на културното наследство на Скопје“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук тогаш.

Камениот мост е една од најфреквентните пешачки врски во централното градско подрачје, поврзувајќи ги плоштадот „Македонија“ и Старата скопска чаршија.