Без мерките дизелот ќе беше поскап за 11,5 денари за литар, вели Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Доколку не се донесеа мерките (за намалување на акцизата и на данокот на додадена вредност, заб.), цената на дизел горивото ќе беше отприлика за 11-11,5 денари поскапа по литар, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Како што е познато, Влдата вчера донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за дизел горивото од 18 на 10 проценти. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, мерката е ограничена на дизлот бидејќи цената на ова гориво значително би се зголемила. Намалувањето на ДДВ не ги опфати безоловните бензини од 95 и 98 октани. Министерката потврди дека оваа мерка, како и намалувањето на акцизата, кое се спроведува автоматски согласно законот, има импликации врз Буџетот, и дека ќе се првата анализи дали ќе се прави нов ребаланс или ќе се изврши пренамена на средства во рамки на постојниот Буџет.

Инаку, премиерот Мицкоски одговараќи денес на прашања на новинарите за време на неговата посета на граничниот премин Табановце, рече дека имајќи го во предвид зголемениот конзум на бензинските станици, пред се оние што гравитираат во северниот, западниот и јужниот дел на земјата поради притисокот на граѓаните кои што доаѓаат од Грција Албанија и Србија, на македонските бенизински пумпи се точат повеќе од два милиони литри гориво.

„Имајќи предвид дека отприлика 70 проценти е дизел гориво, доаѓаме до 1,4 – 1,5 милиони литри што значи дека само по основ на дизел горивото дневната заштеда на македонските граѓани е повеќе од 250 илјади евра“, рече Мицкоски.

Или, како што додаде, ако се земат во предвид отприлика две недели и доколку се земе во предвид веќе намалената акциза за безоловниот бензин, тогаш се доаѓа до 4,2 – 4,5 милиони евра директна заштеда која што ја имаат македонските граѓани, а индиректната заштеда се проектира во ниската стапка на инфлација.

„Ние два месеци, во јули и август, во пикот на најголемата светска енергетска криза, имаме една од наниските ставки на инфлација, многу подолу од ЕУ, а и во региониот сме меѓу најниските, само Србија има пониска за 0,3 проценти“, рече Мицкоски.

Тој рече дека во моментов имаме најниска цена на дизел горивото и на безоловните бензини. Ако се спореди со цената која што ја имаат нашите соседи, и во Европа, тогаш разликата е меѓу 20 и 50 проценти.

„Тоа значи дека владата води сметка во рамките на своите можности, и повеќе од што може, да го заштити стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.