Левица: Партиски членови земаат државни плати како преставници во независни комисии


Наместо Државната второстепена комисија да биде гаранција за законитост, професионалност и непристрасност, истата е претворена во партиски штаб за ургенции од власта, платен со државни пари, оценува Левица објавувајќи серија фотографии поврзани со членовите на второстепената Комисија – Маја Бичиклиска,  Тања дедејска и Симона Лескароска каде, според партијата, јасно се манифестира нивната јавна поддршка и агитација за партијата на власт.



-Членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен примаат плати од приближно 2.000 евра месечно, токму за да се гарантира професионално, непристрасно и независно одлучување! Но, наместо граѓаните да имаат доверба дека нивните жалби ќе бидат решавани независно, денес се отвора сериозно прашање: дали членовите на оваа комисија се независни професионалци или партиски послушници?Доколку лицата кои одлучуваат по жалбите на граѓаните истовремено извршуваат партиски задачи, тогаш кој ја гарантира нивната независност? -прашува Левица. 
 
Според партијата, како е можно член на независен државен орган да биде активен во партиски комисии, штабови, работни тела или други партиски структури, а притоа да одлучува по предмети во кои се засегнати државни институции, јавни службеници и лица поврзани со власта?Доколку лице кое одлучува во Комисијата паралелно извршува и партиски задачи, може да се појави основан сомнеж за можен судир на интереси или влијание врз одлучувањето, особено во предмети поврзани со институции или лица со кои постои политичка или партиска поврзаност, оценува Левица. 



од партијата потсетуваат дека законот јасно предвидува ограничување во однос на членувањето во органи на политички партии, што има јасна цел — да се заштити независноста на Комисијата и довербата на јавноста во нејзините одлуки.
 
-Потребно е надлежните институции да се ослободат од стегите на власта и да утврдат – не само дали некое лице формално членува во орган на политичка партија – туку и дали фактички извршува партиски задачи и дали таквата активност е компатибилна со функцијата што ја врши во независен државен орган.Власта на Мицкоски не може да бара од граѓаните да веруваат во независноста на институциите, додека истовремено остава сомнеж дека луѓе платени со јавни пари извршуваат партиски задачи, порачуваат од Левица.