Кумановските занаетчии му испорачаа предлози на Мицкоски за унапредување на дејноста
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, оствари средба со претставниците на Занаетчиската комора и со претставници од фризерско-берберската и козметичката секција. На средбата се разговарало за предизвиците со кои се соочуваат занаетчиите, нивните предлози и идеи, како и за можностите за подобрување на условите за работа и развој на занаетчиството.
– Дијалогот со луѓето од реалниот сектор е важен за создавање конкретни и одржливи решенија. На средбата отворено се разговараше за реалните предизвици со кои се соочуваат занаетчиите, како и за конкретните предлози и барања за подобрување на нивната положба – стои во објавата на „Фејсбук“ на премиерот.
Од Занаетчиската комора наведуваат дека на премиерот му бил предаден официјален документ во кој се содржани предлози за подобрување на законските и даночните решенија, сузбивање на сивата економија, организирање национални занаетчиски настани и создавање подобри услови за работа и развој на занаетчиството.

Претседателот на Комората, Агрон Фазлији, изрази благодарност до премиерот за приемот, издвоеното време и вниманието со кое беа сослушани претставниците на занаетчискиот сектор.
– Очекуваме денешниот отворен дијалог да продолжи со конкретни институционални чекори и одржливи решенија. Занаетчиите не бараат привилегии, тие бараат услови достоинствено да работат, да создаваат и да придонесуваат за економскиот развој на државата – се наведува во објавата на Комората.