Пустец како воена зона: Бугарски емисари се истоварија со воен авион за да вршат медицински прегледи

Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии


Бугарските емисари во Пустец

 

Бугарија не престанува да агитира меѓу Македонците во Албанија за да ги наведе со разни активности дека тие се, всушност, Бугари. Само тоа не го знаеле досега.

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите активности на бугарските власти во Пустец, со кои под превезот на медицинска помош повторно се спроведува политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет.

На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии.

МАЕИ прашува зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?

„Ова повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари кои демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи на Пустец и со бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар. Но, Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци“, наведува МАЕИ во соопштението.

МАЕИ особено го осудува однесувањето на бугарските претставници кои во јавноста отворено ги негираат Македонците во Пустец и ги прогласуваат за Бугари. Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда.

Медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.

Од македонската алијанса целат дека е „срамно однесувањето на Општина Пустец, која обезбедува логистичка поддршка на претставници на држава чии институции јавно тврдат дека Македонците во Пустец се Бугари. Наместо да застане во заштита на своите граѓани и нивниот идентитет, локалната власт ги пречекува бугарските претставници со девојчиња во народни носии, леб и сол.

Општина Пустец е во Република Албанија. Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме нејзините закони и плаќаме даноци во оваа држава. Затоа не прифаќаме Пустец да биде претворен во полигон за реализирање на туѓи национални политики.

Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда. Македонците во Пустец не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика“.

МАЕИ ја повикува Владата на Република Албанија да не дозволува територијата на државата и нејзините институции да бидат инструментализирани за негирање на идентитетот на македонската заедница. 

Истовремено, ја повикуваме Владата на Македонија конечно да ја сфати сериозноста на ситуацијата.

Додека Бугарија има јасна државна политика и целосен политички консензус за асимилација на Македонците во Албанија, Македонија нема ниту стратегија, ниту сериозна државна политика за заштита на македонската заедница во Албанија.

МАЕИ бара од македонските институции итно да изработат државна стратегија за заштита на Македонците во Албанија и да престанат прашањето на македонската заедница во Албанија да го третираат како партиско, наместо како национално прашање, велат од Македонската алијанса.