СДСМ пак поднесува закон за минимална плата од 600 евра


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека пратеничката група на СДСМ и колацијата поднесува закон за минимална плата од 600 евра, со кој е предвидено субвенционирање на придонесите за приватните компании.

„Во нашиот закон кој што го предлагаме, сега веќе по трет пат, потенцирам затоа што два пати власта го одби, предлагаме минималната плата да изнесува 600 евра, 36.960 денари, со што сметаме дека луѓето ќе може да имаат достоинствен живот. Втората мерка, а тоа е субвенција за придонесите за приватните компании кои што ќе ги зголемат минималните плати и разликата во придонесот да не биде дополнителен терет на приватните компании“, рече Филипче.

На овој начин, како што кажа Филипче, со оваа мерка компаниите ќе добијат поддршка од државата за дополнителните придонеси кои ќе произлезат од зголемувањето на минималната плата.

„Значи и приватните компании да излезат во пресрет, да ги зголемат минималните плати, а разликата во придонесите која што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата со помош, пакет мерки, да го преземе на свој товар власта“, рече Филипче.

Филипче потсети дека ваквата поддршка за компаниите и работниците е модел кој СДСМ го применувал и во услови на криза.

„Во време на владите на СДСМ, соочени со најголемата криза, ковид-кризата во која никој не се знаеше што се случува, цел свет беше затворен, платите континуирано и пензиите растеа и имаше поддршка стопанството. Над 2 милијарди евра, отидоа како поддршка за компаниите. Да ги зачуваат компаниите и да ги зачуваат работните места“, рече Филипче.