На Мицкоски сега не му чини ни Врховниот суд. Се поистовети со Дон Кихот
Според премиерот, во Врховниот суд имало рецидиви од владата на СДСМ и ДУИ и тоа бил последниот ресорт за заштита на луѓето од таа влада
По судиите и обвинителите на ред дојде и целиот Врховен суд да се најде на ударот на премиерот Христијан Мицкоски.
Вчерашните изненадувачки соопштенија, во кои се наведува дека Врховниот суд ги укинал пресудите за сообраќајната несреќа кај Ласкарци и за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, го наведе денеска Мицкоски повторно правниот систем да го поврзе со политиката. Но со политиката на оние што претходно владееја.
„Тоа се рецидиви и остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ и тоа е последниот ресорт за заштита на таа влада и на луѓето кои беа дел од таа влада. Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат. Таков беше случајот со модуларната болница, така и сега со Ласкарци“, изјави Мицкоски.
Секоја одлука што е во корист на неговата партија и луѓе од неа премиерот ја смета за исправна на „разбуденото судство“ – како ослободителните пресуди во случајот „Талир“ и одмрзнувањето на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ – а секоја одлука што не е по негов вкус е резултат на „заробеното судство“. Правниот систем сега е ослободен кога на врвните функции во него се поставени луѓе кои се блиски на неговата партија.
Мицкоски изјави дека во случајот „Ласкарци“ има голем број жртви и луѓе со траен инвалидитет и оцени дека тоа мора да биде доволна причина правосудството да застане, како што рече, на страната на правдата. Но тие „остануваат да бидат верни слуги на тие кои во минатото ги поставиле“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека ваквите одлуки, според него, создаваат недоверба кон целиот правосуден систем и ги ставаат во сенка судиите и обвинителите кои професионално ја вршат својата работа.
„За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители кои се во нашиот правосуден систем. Добро е и моите колеги од Европската унија да ги следат овие примери и да видат, кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого во суштина имаме предизвик да се бориме“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека борбата со ваквите состојби понекогаш изгледа како „донкихотовска битка“.
„Понекогаш имам чувство дека со ветерници се бориме, како сето тоа да е донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода луѓе за кои постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда, и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа за нив ништо не значи бидејќи од тој којшто ги назначил, нивниот стопан, нивниот газда, добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување“, рече премиерот.
Во реакцијата тој не го спомена случајот на Стевчо Јакимовски. Поранешниот градоначалник на Карпош е во лоша здравствена состојба додека е во затвор. Беше на операција неколкку недели, па пак е вратен во затворот во Шуто Оризари. Јакимовски има проблем со канцер.
Во вечерашното соопштение на Врховниот суд, кој вонредно ја преиспитувал пресудата за Стевчо Јакимовски и предметот го врати на повторно судење, не се наведуваат основите за кавката одлука, туку дека само се уукинати пресудите на Кривичниот и Апелацискиот суд. Јакимовски беше осуден на една година затвор за бесправно градење во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош. Апелацискиот суд ја потврди пресудата во овој дел, додека обвинението за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење.
Во предметот за несреќата кај Ласкарци Врховниот суд оцени дека во постапката пред пониските судови имало процесни недостатоци. Со укинувањето на правосилната пресуда, осудените излегуваат од затвор до повторното судење.
Несреќата се случи на 13 февруари 2019 година на автопатот Скопје–Тетово, кај селото Ласкарци. Автобус на „Дурмо турс“, со 55 патници, излета од патот и се преврте. Во несреќата загинаа 16 лица, а 30 беа повредени.
Во првостепената пресуда беа осудени шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари, првично добија по шест и пет години затвор. По жалба на обвинителството, Апелациониот суд во мај 2025 година ги зголеми казните на 10 години за Белули и Мифтари.
Вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски добија по седум години затвор, додека Јане Боваровски беше осуден на пет години. Возачот Маноил Трифуновски доби 14 години затвор.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ (поранешен судија) во реакцијата на одлуките на Врховниот суд рече дека укинувањето на пресудите во предметите за автобуската несреќа кај Ласкарци и против Стевчо Јакимовски е „сериозен тест и аларм за правниот систем“. Туфегџиќ прашува дали дел од пониските судови при носењето одлуки излегуваат од рамките на својата улога „ставајќи се во улога на сервис на јавното обвинителство и впуштајќи се во импровизација на доказите за да се донесе осудителна пресуда по секоја цена, дури и во правна ситуација кога јавен обвинител децидно изјавува дека нема доказии настојуваат да стигнат до осудителни пресуди по секоја цена“.
Според Туфегџиќ, особено проблематични се судските одлуки кои би биле донесени избрзано или под различни форми на притисок. (Н.В.)