Меркур можеби се намалил значително повеќе во својата историја отколку што досега се веруваше
Меркур, планетата што е најблиска до Сонцето, а и најмала во Сончевиот Систем, можеби се намалил значително повеќе во текот на својата историја отколку што научниците досега веруваа.
Планетата се создала пред околу 4,5 милијарди години, а како што се ладела со текот на времето, нејзината внатрешност почнала да се собира. Последиците од овој процес се видливи на површината во облик на масивни гребени и стрмни карпи. Некои од нив достигнуваат висина и до 1,6 километри и се протегаат во должина од стотици километри. Сепак, милијардите години на удари од астероиди и комети ги намалиле некои од овие возвишенија. Научниците, врз основа на податоците од мисијата „Месинџер“ (Messenger) на НАСА, ја проучувале нерамната површина на Меркур, пренесува „Си-ен-ен“.
Нивните пресметки посочуваат дека Меркур можеби се намалил за 10 до 30 отсто повеќе отколку што претходно се проценуваше. Промената на неговиот радиус би можела да изнесува околу 11,6 километри, додека претходните проучувања проценувале намалување од приближно 1 – 7 км. Ова откритие е значајно бидејќи степенот на намалување би можел да открие што се случува во внатрешноста на планетата. Всушност, Меркур е втората планета со најголема густина во Сончевиот Систем – зад Земјата, главно поради своето масивно метално јадро.
– Поголемото собирање би можело да укажува на тоа дека Меркур има поголемо метално јадро, помалку лесни елементи како што е силициумот или повисока почетна температура, објасни планетарниот научник Гаку Нишијама.
Научниците сега имаат големи очекувања од мисијата „Бепи-Коломбо“ (BepiColombo), којашто треба да ги обезбеди најподробните глобални мерења на Меркур досега. Податоците за топографијата, гравитацијата, составот на површината и внатрешната структура би можеле да откријат колку навистина се намалила планетата и да ни помогнат да го разбереме нејзиното обликување и еволуција.
Иако Меркур е мал, научниците истакнуваат дека тој може да понуди важни одговори за тоа како карпестите планети – вклучително и Земјата, се менуваат и ладат во текот на милијарди години.