Емиратите најавија 40 милијарди евра нови инвестиции во Германија


Обединетите Арапски Емирати планираат да инвестираат уште 40 милијарди евра во Германија, објавија двете страни за време на државната посета на претседателот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан на Берлин.

Овој износ е повеќе од двојно поголем од претходните инвестиции на оваав земја од Персискиот Залив во германската економија, објави ДПА.

Претседателот на Емиратите ја започна дводневната државна посета на Германија порано во четврток, а во Берлин беше пречекан со сите воени почести од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Подоцна се сретна со канцеларот Фридрих Мерц.

За време на посетата, беа потпишани уште 29 договори меѓу германски и емиратски компании, во вредност од речиси 9,4 милијарди евра.

Берлин и Дубаи воспоставуваат Германско-Емиратски инвестициски совет за поттикнување на инвестициите и зајакнување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор, објави ДПА.

Меѓу другото, се планираат инвестиции во напредна дигитална инфраструктура, вклучително и развој на нови, најсовремени центри за податоци со капацитет од приближно еден гигават.

ОАЕ е најважниот трговски партнер на Германија во Заливот. Минатата година, билатералната трговија изнесуваше нешто повеќе од 13 милијарди евра – Германија извезе стока во вредност од околу 11 милијарди евра во ОАЕ, а увезе околу две милијарди евра од ОАЕ.