Земјоделците почнаа со трактори да ги газат пиперките и не ги даваат за 15 денари за килограм
Огромен револт меѓу земјоделците во Пелагонија. Откупувачите ги уценуваат производителите, државата гледа отстрана
БИТОЛА – Цела приколка пиперки – капија наместо на откуп, заврши на нива под тркалата на тракторот.
Ваква е ситуација во Пелагонија откако цената на пиперката – „куртовска капија“ на откуп падна на 15 денари за килограм.
Цела приколка со црвена пиперка набрана за да се предаде во откупен центар заврши во нива во атарот на Канатларци под тркалата на тркторот.
„Ова е родот и трудот на земјоделецот Реџеп Арифиски од Канатларци! Пиперката требаше да се откупува прва класа 40 денари, прва-втора и за индустријата по 30 денари за килограм, а не по мизерни цени од само 15 денари“, велат жители на Канатларци.
Младиот земјоделец Ерѓун Ибрахимовски од Канатларци вели дека земјоделците се уценети од откупувачите оти знаат дека пиперката ќе скапе ако не се предаде на откуп.
„На пунктовите знаат дека на земјоделците ќе им скапат пиперките, затоа ја држат цената долу. По еден месец, кога ќе нема пиперки, тогаш ќе ти даваат и по 80 денари за килограм, ама тогаш ќе нема пипер и џабе ти е. Најголемата пиперка што не е скапана ти ја земаат за 18 денари од килограм, па не е фер“, вели младиот Ибрахимовски.
Според него, договорот меѓу министерот за земјоделие Борче Серафимовски, производителите и откупувачите да се откупуваат пиперките по утврдени цени не се почитува на откупните пунктови.
„Министерот излегува, вели прва класа ќе биде 40 денари. Нека поминe по селата, нека ги прошета пунктовите, да видиме дали е 40 или 15 денари најубавата пиперка. Земјоделецот сега е ‘стегнат’ со пиперот, му гори, му скапува и од нива го дава. Откупувачите знаат дека им скапуваат пиперките и затоа е ваква цената“, вели Ибрахимовски.
Земјоделците единствено што бараат е да исплати вложеното во производството на пиперката, да се надометстат трошоците за репроматеријали, за сезонските работници…
За споредба, лани кон средината на септември килограм пиперка „куртовска капија“ беше 23 денари на откуп, што предизвика револт кај производителите. Годинава цената е 15 денари, што значи 8 денари помалку.
Лани договорена беше откупната цена на пиперката и тоа 45 денари за прва класа. Прва-втора класа 35 денари, втора класа 20 денари и 15 денари за килограм трета класа.
Годинава од старт се договорени пониски цени за 5 денари по кило, што ги соопшти министерот Серафимовски и тоа ајварската пиперка прва класа 40 денари, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа.
Серафимовски на почетокот упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува. Но, според земјоделците, на терен состојбата е сосема поинаква.