Немаме што да славиме, ама имаме пари да се расфрламе!
За помалку пари од оние потрошени на прославата купени се 40 различни камиони за чистење и собирање смет низ целата држава
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера беше расчеречен од јавноста откако кажа дека „мнозинството наши ученици имаат проблем да го разберат прочитаното, не им оди математиката, природните науки се шпанско село за две третини од нив, а сепак им нема рамни за забава!“
Од кого го научиле тоа се виде денес од прес-концеренцијата на портпаролката Марија Митева, која потврди дека дури 5 и пол милиони евра чинела прославата на независноста на државата, за која сите се сложни, вклучувајќи го и премиерот, дека не довела до таков развој какви што биле очекувањата – т.е. немаме баш голема причина за славење!
Оправдувањето е дека парите не биле на граѓаните, односно од државниот буџет, иако најголемиот дел дошле од дивиденда на државната компанија „Лотарија“, т.е. една од „златните овци“ за молзење во Македонија. За тие што мислат дека треба да си дозволиме ваква прослава за оваа јубилејна бројка – 35 години независност – еве една илустрација што значи таа во реална куповна моќ:
Неодамна владата ги промовираше новите возила за чистење на „Комунална хигиена“, која мака мачи со децении да го исчисти градот со возниот парк што го поседува. Со пари помалку од потрошените за концертите на Давид Гета и Хозе Карерас (4,2 милиони евра) купени се 19 мултифункционални камиони од различен тип, 9 специјализирани камиони, цистерни и 21 мултифункционално возило, за Скопје и други градови во Македонија можат да се ослободат навреме од сметот и да не смрдат!
Претходно, Министерството за здравство реализираше набавка вредна 7,5 милиони евра (461 милиони денари) за опремување на јавните здравствени установи низ целата држава со современи медицински возила. Попрецизно, купени се 100 амбуланти возила со вградена медицинска опрема за вкупна цена од околу 7,5 милиони евра со ДДВ, односно за околу 75. 000 евра по возило.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, пак, ги најави првите од планираните 150 електрични автобуси за јавниот сообраќај во Скопје и во внатрешноста, набавка вредна околу 50 милиони евра. Набавката покрај 150 возила вклучува и 75 станици за полнење, при што според пресметките за еден нов електричен автобус цената изнесува нешто под 322.000 евра без ДДВ по возило. Тоа значи дека со овие пари Владата можела да купи 17 електрични автобуси за ЈСП и делумно да ги спаси граѓаните од топлотен колапс и задолжување по таа основа.
Колку лекови можеле да се набават за болните, подобро и да не се прават пресметки, бидејќи е трагично што добива приоритетет во државава која „пука“ по сите основи и станува неподнослива за живеење. Доволно е само да се спомене дека целото јавно здравство зависеше со недели од единствениот ПЕТ/КТ скенер и еден циклотрон вредни вкупно 5,8 милиони евра, а болните од рак мораа да плаќаат 1.300 евра за снимање во приватни болници бидејќи болницата не вложувала во одржување на апаратот.