Филипче: Прославата на независноста е голема проневера

Лидерот на СДСМ побара Владата да објави детално како биле потрошени средствата за прославата, вклучително и колку пари добил секој од учесниците


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека прославата по повод Денот на независноста  била финансирана со 5 милиони евра од граѓаните, спротивно на тврдењето на премиерот Христијан Мицкоски дека за настанот не бил потрошен ниту еден денар. Според него, одлуката од 167. седница на Владата покажува дека за организацијата на прославата биле ангажирани средства преку АД „Лотарија на Македонија“ – компанија која е во целосна државна сопственост.

„Ова што се случи со проектот за прослава на независноста, како и во многу други случаи, е една голема проневера на пари“, изјави Филипче, обвинувајќи ја власта дека граѓаните ги доведува во заблуда за начинот на кој била финансирана прославата.

Според него, бидејќи „Лотарија“ е во стопроцентна сопственост на државата, средствата со кои располага компанијата се јавни средства, односно средства кои, како што рече, им припаѓаат на граѓаните. Филипче побара Владата да објасни зошто премиерот тврдел дека за прославата не биле потрошени народни пари.

Филипче отвори прашања и за постапката преку која бил избран организаторот на настанот. Тој тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, но не класична тендерска постапка, и изрази сомнеж дека при тоа можело да има прекршување на Законот за спонзорства.

Филипче рече дека во постапката биле поканети само домашни компании, а не и странски, и постави прашање врз основа на кои критериуми била избрана компанијата што го организирала настанот. Тој додаде дека евалуацијата ја спроведувала комисија составена од надворешни членови, за кои, како што рече, јавноста не знае кои се.

„Ниту знаеме кои се тие луѓе кои одлучувале за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата што го организирала настанот“, рече Филипче.

Тој посочи и дека истата компанија, според неговите информации, само неколку месеци претходно добила средства од „Лотарија“ за други активности, за кои, како што рече, не е познато какви се.

Филипче побара објаснување и зошто средствата од државната „Лотарија“ биле искористени за организација на прославата, наместо за други јавни потреби. Тој праша зошто средствата не биле искористени за земјоделски субвенции, здравството, лекови, подобрување на условите во училиштата или зголемување на социјалната помош. Како можни намени ги наведе и мерките за најранливите категории граѓани, зголемувањето на пензиите и минималната плата.

„Зошто овие пари не се наменети за пакет мерки за загрозени категории граѓани кои мака мачат и крај со крај не можат да врзат во оваа криза“, праша Филипче.

Тој побара Владата да објави детални информации за тоа како биле потрошени средствата за прославата, вклучително и колку пари добил секој од учесниците и ангажираните субјекти.

„Бараме да се каже јавно и гласно. Владата има обврска транспарентно да работи и бараме да го објави записникот од владината 167 седница“, рече Филипче.

Од СДСМ бараат Владата да ги објави критериумите, одлуките и целокупната документација поврзана со издвојувањето и трошењето на средствата за прославата, како и да даде одговор кој и колку средства добил за организацијата на настанот.