Мојсоска: Нема подобра симболика за државата од тоа прославата да ја финансира коцкарница


Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, обвини дека фирма поврзана со „Авалон“ добила 1,8 милиони денари од Државна лотарија, по што „Авалон“ ја добил организацијата на прославата за независност под покровителство на Лотарија. Таа во објава на „Фејсбук“ постави прашања за транспарентноста на постапката и за тврдењето дека за државната прослава биле потрошени „нула денари“.

Мојсоска посочува дека пред два месеци фирмата „Стардаст“, која ја поврзува со „Авалон“, добила 1,8 милиони денари од Лотарија под форма на спонзорство. Според неа, потоа истата фирма добила ангажман за организација на прославата за независност, која била под покровителство на Државна лотарија.

„Лотарија префрла пари на Авалон како ‘спонзорство’“, пишува Мојсоска, додавајќи дека станува збор за средства од државна компанија, односно пари на граѓаните. Пратеничката тврди и дека веќе два месеци од фирмата нема одговор за причините поради кои добила средства од Лотарија.

Во својата објава Мојсоска го поврзува случајот и со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека за прославата биле потрошени „нула денари“. Таа оценува дека на овој начин се заобиколуваат процедурите поврзани со транспарентноста и дека преку Лотарија се обезбедуваат средства за приватни компании.

„Мора да му се честита на креативноста на Мицкоски како нашле начин да ја заобиколат сета законска процедура за транспарентност“, наведува Мојсоска.

Пратеничката во објавата отвора и пошироко прашање за финансирањето на политичките партии и односите меѓу донаторите и компаниите кои подоцна добиваат државни договори.

Таа тврди дека одредени компании кои донираат во кампањи на ВМРО- ДПМНЕ подоцна добивале значително поголеми тендери од сумите што ги донирале, при што случајот го претставува како пример за потребата од поголема транспарентност.

„Нема подобра симболика од моментот прослава за независност да ти ја финансира главната коцкарница во државата. Во држава каде единствено просперираат коцкарници и брзите кеш кредити.Пред два месеци, фирмата на Авалон (“Стардаст”) добила 1.8 милиони денари токму од Лотарија, за потоа истата фирма да ја добие организацијата за “прославата” од Лотарија?! Значи:



-Лотарија префрла пари на Авалон како “спонзорство” (пари на граѓаните пошо е државна фирма);

-Два месеци фирмата-ќерка на Авалон НЕМА ОДГОВОР зошто се на платен список на Лотарија!;

-Авалон ја организира прославата под покровителство на Лотарија и Мицко вели биле потрошени НУЛА ДЕНАРИ.



Мора да му се честита на креативноста на Мицкоски како нашле начин да ја заобиколат сета законска процедура за транспарентност и преку Лотарија да ги искешираат нивните фирми – кои патем, потоа премиерот ќе ви ги продава како општествено одговорни.



П.С. Нема бесплатна донација. Само проверете кои фирми донираат во кампања за ДПМНЕ, како потоа “магично” добиваат десеткратно поголеми тендери од тоа што го донирале“м, напиша Мојсоска на Фејсбук.

Како што беше објавено претходно, „СТАРДАСТ ДООЕЛ“, компанијата на Миа Милошевска, ќерка на Бобан Милошевски од „Авалон“, добила 1,85 милиони денари од Лотарија во февруари, а само два месеци подоцна била избрана на јавен повик за организација на програмата за одбележувањето на независноста. Владата не открива колку дополнително чинела организацијата.

„СТАРДАСТ“ добила две спонзорства од Лотарија: Непозната сума за 35 години независност и 1.85 милиони за непозната цел

Колку дополнителни средства ѝ биле исплатени на фирмата на Милошевска за организацијата на програмата за манифестацијата по повод 35-годишнината, не открива Владата.