ВМРО-ДПМНЕ го брани лидерот: Мицкоски го заработи скапиот часовник на чесен начин
СДСМ денеска рече дека „елита“ се оние кои имаат часовници кои чинат 60.000 евра, кои носат скапи костуми и кои имаат апетити за авиони, мислејќи на премиерот Христијан Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порано изјави дека скапите часовници биле негова слабост, а еден од нив му бил посебно драг затоа што бил подарок од неговата сопруга. Во говорот за 8 Септември тој повторно ја нападна опозицијата нарекувајќи за „талог“ и зборуваше дека во Македонија има „елити“ кои ја влечат државата назад.
Според СДСМ, целта целта на сегашната власт е да го убеделе народот дека тие се елитата. „Надменоста и ароганцијата се одлики на оваа ‘елита’. Нема одговори на прашања – има само навреди. Се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост.
Оваа криминална ВМРО-елита, по углед на елитата од криминалната организација на Вучиќ, балканскиот картел, чии членови се луѓето од групата на Мицкоски, ги прави истите работи. Елита што ќе ужива во луксуз, полнејќи ги своите џебови со народни пари. Тендер-патриоти со бугарски државјанства и фирми. Дури и промоцијата им ја работи бугарска фирма.
Во одговорот ВМРО-ДПМНЕ го брани Христијан Мицкоски велејќи дека „СДСМ никако не може да сфати дека и во Македонија може да се заработи на чесен начин, а сето тоа да биде јавно и транспарентно видливо за јавноста“. И додава:
„Таков е примерот со претседателот Мицкоски кој јавно стотици пати има говорено за тоа како заработил во својот живот. За неговиот начин на работа ниту еден човек нема никогаш кажано дека тоа е на нечесен начин, дека заработката е преку трети лица, фирми во странство или пак местејќи тендери. Напротив можеме да слушнеме само пофални зборови за универзитетски професор, кој самите студенти го имаат признаено како најдобар професор на својот факултет“.
А Зоран Заев и Венко Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, биле криминалци кои ја оцрниле државата: „Местеа тендери, земаа провизии, отпишуваа резерви од државата, ја задолжуваа државата за да ги наполнат своите џебови.
Ете од каде им се парите на овие криминалци. Коцевски, Абази, Русковска, Кацарска се само неколкуте нивни инфилтрирани поединци во правосудството кои ги бранат сѐ додека можат“, велат од владејачката партија.