Со 30 камери ќе почне борбата на Град Скопје против вандализмот на јавните површини


Фото: Б. Грданоски

Градот Скопје, првично, ќе постави 30 камери на парковски површини, детски игралишта, канти за отпадоци, контејнери, фонтани, заштита на сообраќајни знаци, семафори, канделабри, улични светилки, светилки на мостови и плоштади и друго, со цел заштита од вандализирање на јавната урбана опрема и заедничкиот простор. 

„Со оваа мерка, ќе спречиме и други дејствија за кои што постои сомневање во јавноста, односно намерно подметнување на пожари, но исто така со помош на оваа мерка ќе спречиме создавање на диви депонии или одлагање на отпад на локации кои не се предвидени за тоа. 
Нашата цел е мерката да биде во интерес на сите скопјани, за зачувување на јавните површини, за општо добро и спречување на создавање диви депонии, а со самото тоа почист, побезбеден и поуреден град“, одговорија од Град Скопје, за „Независен.мк“ за тоа каде ќе има поставени камери.

Додаваат дека првчино е предвидено да се постават 30 камери, на 30 локации по пат на јавна набавка. Сепак, од Градот не добивме одговор на прашањето кој ќе одлучува каде ќе се постават камерите и кој ќе одлучува за тоа, ниту колку е предвидено оваа одлука да го чини Градот. Не дадоа детали ни за динамиката на поставување и кога целиот град ќе биде опфатен со надзони камери

Што содржи одлуката?

На последната седница на Градот Скопје, беше донесена Одлука за начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на подрачјето на град Скопје, со која се уредува начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на подрачјето на Град Скопје, кој се јавува во својство на контролор, категориите на личните податоци кои се обработуваат со системот за видеонадзор, техничките и организациските мерки кои се применуваат за обезбедување тајност и заштита на личните податоци преку вршењето на видеонадзорот, рокот на чување на видео записите и правата и обврските на овластените лица кои имаат пристап до системот за вршење на видеонадзор на јавните површини во Скопје.

Според таа Одлука, целта на видеонадзорот на подрачјето на град Скопје е обезбедување заштита на сопственоста на Град Скопје и добрата во општа употреба и заштита и унапредување на животната средина.

Фото: Б. Грданоски

Се претпоставува дека ќе овозможи спречување на формирање диви депонии од несовесни субјекти; заштита на инфраструктурни објекти во надлежност на Град Скопје (улици, жичници, мостови, плоштади и др.); заштита на урбаната опрема (детски игралишта, канти за отпадоци, контејнери, фонтани, клупи, рекламни паноа и разна друга опрема); обезбедување статистички податоци со мерење на број и фрекфенција на возила; заштита на сообраќајни знаци, семафори и друга хоризонтална и вертикална сигнализација; заштита на јавно осветлување (канделабри, улични светилки, светилки на мостови и плоштади и др.).

Заради правилна употреба на системот за вршење видеонадзор, се формира посебен Контролен центарна Град Скопје, сместен во просториите на Град Скопје, каде ќе работат пет лица од редот на вработените, во три смени.

Вработените во Контролниот центар нема да смеат да ги злоупотребуваат личните податоци, а нема да смеат да користат телефонски апарати со камера, за време на смената, ниту да работат и оперираат со податоците од видеонадзорот.

Украдени плочи со натписи (Фото: Б. Грданоски)

Системот за вршење видеонадзор ќе биде базиран на IP-технологија, при што камерите од предвидените локации ќе бидат поврзани со комуникациска (интра нет) врска со Контролниот центар.

„Графичката поставеност на системот за видеонадзор, опремата за вршење видеонадзор, локациите каде ќе се врши видеонадзорот и аголот на поставеност на камерите ќе се уреди со посебен акт од страна на Градоначалникот на Град Скопје по спроведување на постапка за јавна набавка“, стои во членот 4 од Одлуката.

Овој систем ќе обработува физички и физиолошки изглед на лицата кои влегуваат во фокусот на камерите, регистарски таблички на секаков вид моторни возила, а согласно целта користењето и преносот на личните податоци обработени преку системот за вршење видеонадзор на јавните површини, може да се врши само во случаи предвидени со закон.

Во членот 6 стои дека : на сите локации каде ќе се врши видеонадзор, на видливо и јасно место е истакнато известување дека се врши видеонадзор од страна на Град Скопје, кое содржи дека се врши видеонадзор; името на конторолорот кој го врши видеонадзорот; целите за вршење на видеонадзорот; начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот на вршење на видеонадзорот.
Градот ќе ја обезбеди опремата, а ќе најде и одржувач на системот, како и софтверска заштитна мрежна бариера помеѓу системот за вршење на видеонадзор и интернет, како заштитна мерка против недозволени или злонамерни обиди за влез или компромитирање на системот и протокот на податоци. Дополнително се обврзуваат и да го приклучат системот на енергетска мрежа со дополнителна заштита преку уред за непрекинато напојување.

Фото: Б. Грданоски

За пристапот и увидот до личните податоци обработени преку системот за вршење на видеонадзор, Град Скопје води евиденција која ги содржи следните податоци:
име и презиме на овластеното лице;
датум и време на пристапување;
цел за пристапување;
датум и час на направената снимка до која се пристапува;
датум и време, назив и седиште на корисникот кому му е дадена снимката од видеонадзорот;
вид на медиум во кој е содржана снимката од видеонадзорот;
други податоци согласно одредбите од важечкиот Правилник за безбедност на обработката на личните податоци.

Прегледување на снимките од видеонадзорот се врши врз основа на поднесено писмено барање преку Архивата на Град Скопје до Контролниот центар, во кое се наведува причината и законскиот основ поради која се бара увид во видеозаписите, за што е потребно Градоначалникот на Град Скопје да издаде писмено одобрение.
Прегледување на снимките од видеонадзорот се врши во Контролниот центар од страна на овластените лица.

Фото: Б. Грданоски

Снимките од видеонадзорот се чуваат до исполнување на целите за кои се врши видеонадзорот, но не подолго од 30 (триесет) дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.

„За сè што не е предвидено со оваа Одлука, важат одредбите од важечките Закон за заштита на личните податоци, Правилник за содржината и формата на актот за начинот на вршење на видеонадзор и Правилник за безбедност на обработката на личните податоци“, се нагласува во Одлуката.

Неколку градоначалници најавија слична мерка

Досега, неколку градоначалници на скопски општини најавија слична мерка, како Дејан Митески од Општина Аеродром и тоа по  големиот инцидент каде што малолетници го демолираа детското игралиште „Патрик“,  па Општина Аеродром и официјално ја започна процедурата за поставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите.

Дарко Косотовски од Општина Бутел, заедно со целосната реконструкција на спортските и детските катчиња во општината, најави поставување видеоопрема за мониторинг на сите игралишта и паркови со цел да се спречи вандализмот. 

Исто така и Општина Центар, иако со одредени правни кочници во минатото околу заштитата на личните податоци на малолетници, е дел од општините кои јавно ја разгледуваа и најавија оваа иницијатива за зачувување на јавните простори.