Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд

Примајќи го Орденот „8 Септември“, основачот на „Матица македонска“ порача дека секоја добра книга на македонски јазик е траен чин на суверенитет, а слободата се носи како одговорност


„Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд. Тој е нашата куќа во времето: во него зборуваат предците, се огледува совеста на живите и се именува иднината на децата“, порача Раде Силјан во словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод Денот на независноста.

 Силјан нагласи дека одликувањето го прима и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. „Таквата чест не ме издига над другите – ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба: словото да се создава, да се промислува и да стигне до читателот“, рече тој.

„Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера“, порача Силјан, потсетувајќи дека изборот од 8 септември 1991 година не почнал од празна страница, туку во него се слеале Климентовото слово и Охридската книжевна школа, народната песна и преродбенската книга, илинденскиот непокор и државотворноста на АСНОМ.

Во средиштето на словото беше македонскиот јазик како простор на паметењето, одговорноста и иднината. „Не бара другите јазици да замолкнат. Бара ние да не замолкнеме во него. Јазикот се чува секој ден – во домот, училиштето, науката, театарот, книгата и чесниот јавен збор“, нагласи Силјан.

Тој ја определи книгата како разговор меѓу времињата, а културата како суштинска самосвест на државата. „Без култура, државата може да функционира, но не знае зошто трае. Поетот не е украс на државата. Тој е немир во нејзината совест“, рече Силјан.

 Во делот посветен на издаваштвото, Силјан потсети дека петнаесет дена пред референдумот ја основал „Матица македонска“. „Така одговорив на прашањето што може поетот да стори за својата земја: да напише песна и да изгради дом за книгите на другите. Ако песната е мојот глас, ‘Матица македонска’ е мојата грижа да не замолкнат и другите македонски гласови. Секоја добра книга на македонски јазик е тивок, но траен чин на суверенитет“, порача тој.

 Говорејќи за јавната одговорност, Силјан нагласи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку зрелост да владееме со себе. „На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат“, рече тој.

Во завршниот дел, Силјан го постави прашањето за иднината на младите како една од најтешките мерки на денешната државност. „Држава од која заминуваат децата останува без идно време. На оние што треба да останат по нас не им должиме само историја со која ќе се гордеат. Им должиме сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука“, порача Силјан.

Словото го заврши со пораката: „Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност.“

За сите што денес ја продолжуваат работата на „Матица македонска“, одликувањето на нејзиниот основач е момент на искрена радост и гордост, но и потврда на обврската со која издавачката куќа започна пред триесет и пет години – македонското слово да се создава, да се вреднува и да стигнува до читателите.