Претседателката го додели Орденот „8 Септември“ на петмина истакнати творци: Нивните дела се траен дел од нашата културна меморија


Фото: Б. Грданоски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила „Водно“ го додели Орденот „8 Септември“ на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан, а постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

Одликувајќи ги петтемина творци, претседателката истакна дека нивното дело ги надминува границите на еден жанр, сцена, книга или време и претставува траен дел од културната меморија и наследство на државата.

Според неа, петтемината добитници на Орденот „8 Септември“ создаваа, истражуваа, преведуваа, играа, сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко – трага што не исчезнува со завршувањето на едно дело, туку продолжува да живее преку оние што го читаат, гледаат, изучуваат и паметат.

Во својот говор на церемонијата за доделување на Орденот, таа се осврна на творештвото и придонесот на добитниците Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

За Јордан Плевнеш рече дека е значаен автор чија литература и драматургија претставуваат начин на толкување на историјата, времето и човекот.

Во неговото творештво Македонија е претставена како културен и идентитетски феномен, мозаик од култури и простор на историски и општествени пресврти. Го истакна неговиот богат книжевен и драматуршки опус, како и фактот дека неговите драми се изведувани на пет континенти, на повеќе од 50 јазици и во над 30 земји.

„Со одликувањето на Јордан Плевнеш го вреднуваме неговиот исклучителен творечки опус и придонесот кон македонската книжевност и драматургија, но и неговата умешност македонската реч да ја пренесе и да ја направи дел од меѓународната културна приказна“, рече Сиљановска-Давкова.

За Раде Силјан нагласи дека преку поезијата, книжевната критика, есеистиката, антологичарската и издавачката дејност оставил значаен придонес во македонската култура. Потсети на неговите бројни дела, признанија и долгогодишниот ангажман во издаваштвото, вклучително и основањето на „Матица македонска“.

„Ја вреднуваме неговата поезија, но и неговата работа врзана за поезијата, неговите книги, но и неговата долгогодишна грижа книжевното наследство да биде прочитано, зачувано и пренесено на идните генерации“, кажа таа.

Осврнувајќи се на Џеват Гега, претседателката го истакна неговиот научен придонес во проучувањето на албанската книжевност, јазикот, историјата и културата, како и неговите компаративни истражувања на македонската и албанската книжевност. Преку научната работа, наставата и преводот, Гега придонел за подобро разбирање на културните врски меѓу двете книжевности.

За Мето Јовановски рече дека е еден од актерите кои оставиле длабока трага во македонскиот театар и филм. Ги истакна неговите значајни театарски и филмски улоги, бројните награди, како и неговата работа како професор и режисер.

„Со неговото заминување во 2023 година, македонскиот театар и филм загубија голем актер, но зад него останаа улоги и остварувања што сведочат за едно значајно поглавје во македонската сценска и филмска уметност“, рече претседателката.

За Глигор Чемерски, рече дека е еден од најзначајните македонски уметници чие творештво ги поврзува минатото и современоста. Таа посочи на неговата инспирација од македонското културно и историско наследство, античката и средновековната уметност, фрескописот и народната меморија.

Особено го истакна неговиот придонес преку сликарството, графиките, мозаиците и фреските, како и монументалните дела во повеќе градови во земјата.

„Во неговите дела се среќаваат мотиви што припаѓаат на различни времиња и културни слоеви, но тие кај него не се само цитати од минатото, туку дел од едно ново уметничко читање на човекот, историјата и просторот во кој живееме“, вели таа.