Левица: Граѓаните плаќаат, а власта се уште крие колку чини прославата за 35 години независност


Тешко дека ДПМНЕ можеше да приреди посимболична прослава на 35 години независност. Наместо државноста да ја покаже преку зрели институции, јавна одговорност и почит кон граѓанинот како носител на суверенитетот, власта избра спектакл без потреба за каква било отчетност. Така, народот повторно е третиран како декор – важен да ја финансира државата, но очигледно недостоен да знае колку чини она што се плаќа во негово име. Во таа едноставна контрадикција е собрана нивната претстава за владеењето – легитимитетот го бараат од народот, а правото на увид го задржуваат за тесен круг околу власта, се вели во соопштението на Левица.



– Секој денар што го троши една влада е оптоварен со правна основа, извор, намена, одговорност и можност за контрола. Буџетот не е политички плен освоен на избори, туку финансиски израз на доверена власт. Затоа, тајноста околу трошоците за една државна прослава е скандалозна и укажува дека власта почнува да ја доживува информацијата како сопственост, а јавноста како натрапник.



Владата уште во мај беше прашана за вкупната финансиска конструкција и за механизмот преку кој „Авалон“ е вклучен во проектот, по што Марија Митева уверуваше дека деталите ќе бидат соопштени по финализирањето на програмата. Програмата одамна е финализирана, речиси сите манифестации се одржани, а јавноста сè уште ја бара сумата.



Идејата дека некаква договорна доверливост може бескрајно да служи како параван пред прашањето за јавниот расход е скандалозна. Комерцијалните односи имаат свои легитимни механизми на доверливост, но јавните финансии, пак, имаат сосема поинаква уставна и демократска логика. Кога овие две сфери ќе се судрат, Владата има должност да ја заштити јавната отчетност.



Односот кон јавноста најдобро се соголи денес кога на сосема легитимно новинарско прашање зошто не е објавена сумата од договорот за Дејвид Гета, Бобан Милошески од „Авалон“ возврати со: „Дали ти изгледам јас ко идиот?“ Во таа дрскост има повеќе политичка вистина отколку во сите патриотски говори што ќе ги слушнеме за 8 Септември. Прашањето за туѓите пари станало провокација, новинарската контрола нарушување на свеченоста, а јавниот интерес досадна непријатност. Таа безобѕирност сепак не никнала во вакуум туку ја произведува амбиент во кој власта со месеци одбива да ја понесе јавната обврска за отчетност.



Бараме целосна финансиска отчетност за прославите, односно: вкупната вредност на програмата, сите договори и анекси, изворите и буџетските позиции, постапката и правната основа за ангажманите, исплатените и преземените обврски, продукциските и логистичките расходи, хонорарите, спонзорските средства и приходите поврзани со настаните.



ДПМНЕ може да закупи најголеми сцени, да донесе светски ѕвезди и да произведе километри патриотска сценографија, но државноста од тоа не произлегува автоматски. Државата станува туѓа кога власта почнува да располага со заедничкото како со свое, а од сопствениците бара само послушност и аплауз. Затоа оваа прослава навистина е слика и прилика на владеењето на ДПМНЕ – народот формално е суверен, а практично, го пуштаат во сопствената држава само до бината, додека до касата нема пристап“, се вели во соопштението на Левица.