Старата чаршија во Гевгелија доби нов лик, со реконтруирани 27 објекти и улици


Старата чаршија во Гевгелија добива нов лик, откако изминатиов период таму беа обновени 27 објекти, а реставрирани се фасадите на дуќаните, изведено е ново гранитно поплочување, просторот е опремен со урбана опрема и осветлување, а целосно е реконструирана и подземната инфраструктура. Со тоа, Чаршијата добива нов лик, притоа задржувајќи ги автентичноста и препознатливиот дух.

Денеска, таму беа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Реконструкцијата е реализирана со инвестиција од 41 милион денари. Старата чаршија, која од 2004 година е регистрирана како споменик на културата, повторно го добива заслуженото место во културниот и туристичкиот живот на Гевгелија.

„Денеска, овде во Старата чаршија во Гевгелија, зборовите ги заменуваме со резултати. Наша обврска е да го зачуваме културното наследство, но и да му дадеме нов живот и нова вредност“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.

Тој нагласи дека целта е ваквите места да не останат само споменици на минатото, туку да прераснат во живи културни простори, отворени за граѓаните, културните настани и посетителите.


„Старата чаршија во Гевгелија сега станува современо културно-туристичко јадро. Старата чаршија денеска е обновена, но уште поважно е што таа повторно живее“, порача Сулејмани.

– Министерството за транспорт ги издаде сите одобренија за реконструкција на објектите во Старата чаршија во Гевгелија, со што придонесовме да го заштитиме ова културно наследство – истакна Николоски при денешната посета на Гевгелија. – Драго ми е што Министерството за транспорт можеше да помогне во реализација на обновување на Старата чаршија во Гевгелија. Издадени се вкупно 27 одобренија за реконструкција на 27 објекти коишто навистина прекрасно изгледаат. Сакам да се заблагодарам на Управата за заштита на културно наследство и Министерството за култура со коишто заеднички работевме, како и на сите вработени во Министерството за транспорт коишто заедно со Општина Гевгелија на дневна основа работеа.

– Очекувам еве до крајот на годината овој проект да биде завршен од децентрализираните средства, од централниот буџет кон општините и веќе во следната година да размислуваме за нови средства коишто ќе ги одвоиме за општините, за реализирање на капитални инвестиции коишто имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓанит – порача Мицкоски.