Ова година летото во Грција било второ најветровито во последните 18 години
Во трите летни месеци, односно во јуни, јули и август, вкупно 58 денoви во Грција биле со силен северен ветер, со што е второ најветровито лето во земјата во последните 18 години, покажуваат податоците на метеоролошката служба „Метео“ на грчката Национална опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.
Силниот северен ветер карактеристичен за летниот период во Егејското море, што во Грција се нарекува „мелтеми“, доста често е причина за ограничување или забрана за пловидба на траектите, а летово создаде проблеми и во гаснењето на пожарите.
Порталот „Метео“ ги анализира налетите на ветер во земјата во текот на летото, првично фокусирајќи се на јули и август, со оглед на тоа што традиционално е периодот што се карактеризира со силен ветер.
Од вкупно 62 денови во периодот од 1 јули до 31 август, во последните 18 години бројот на денови со силни северни ветрови се движи од 20 (во 2014 година) до 47 денови (во 2016 година), додека пак оваа година 15 во јули и 23 денови во август, односно вкупно 38 биле со силни ветрови.
Од „Метео“ посочија дека годинава е забележан и долг период на последователни денови со силен ветер, вкупно 18 денови почнувајќи од 30 јули до 16 август.
Во јуни, иако најчесто е мал бројот на денови со силни ветрови, оваа година имало отстапка од правилото и во дури 18 денови биле регистрирани силни „мелтеми“ што е втор најголем број за конкретниот месец во последните 18 години.
– Ако ги земеме предвид сите три летни месеци, вкупниот број од 56 денови со силни ветрови во тримесечниот период ја рангира 2026 година на второ место во последните 18 години според бројот на денови со силни ветрови во текот на целото лето, информираа од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина.