Грантови од 1.000 до 5.000 долари за климатски проекти предводени од млади од Свети Николе


Општина Свети Николе го отвори повикот за „Фонд за климатска акција на младите“, дел од глобалната програма Bloomberg Philanthropies Youth Climate Action Fund.

Преку повикот, младите од 15 до 24 години од Свети Николе можат да предложат свои идеи за локални климатски иницијативи и да добијат поддршка од 1.000 до 5.000 долари за нивна реализација.

Целта е младите директно да се вклучат во создавање решенија за климатските предизвици со кои што секојдневно се соочуваат во својата заедница – од штедење на вода и електрична енергија и намалување на отпадот, до повеќе зеленило, подобри јавни простори и поголема отпорност на климатските ризици.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, истакна дека програмата отвора простор младите да бидат активен дел од развојот на заедницата.

„Младите имаат идеи, енергија и волја да направат вистинска промена во својата заедница. Со овој повик им даваме можност тие идеи да станат реални иницијативи преку кои ќе се реализираат активности од исклучителна важност за нашата заедница“, изјави Владев.

За учество е потребен тим од најмалку двајца млади на возраст од 15 до 24 години.

Младите ја развиваат и ја водат проектната идеја, додека апликацијата треба да се поднесе преку регистрираната партнер-организација: здружение (НВО), училиште, младински клуб или јавна институција.

Ивица Арсов, Службеник за млади во Општина Свети Николе, нагласи дека во текот на повикот младите ќе имаат можност да добијат практична поддршка за развивање на
своите идеи и подготовка на апликациите.

„Не очекуваме младите да дојдат со готов проект. Важно е да имаат интерес и желба да направат нешто во својата заедница. Преку инфо-сесија и работилници ќе им помогнеме на младите детално да ја разработат идејата, да формираат тим и да подготват иницијатива што може да се спроведе“, истакна Арсов.

Повикот е отворен до 15 октомври 2026 година, до 18:00 часот.
Сите услови, приоритетни теми, документи и информации за повикот се достапни на:
youthclimatefund.svetinikole.gov.mk