Левица: ДПМНЕ држи лекции за „бато и дада“, а министерството за демографија се прави ненадлежно за доцнењето на породилното
Додека функционерите на ДПМНЕ им делат демографски совети на семејствата, а министерката за образование им објаснува на децата дека треба да бараат „бато и дада“, нивната власт покажува колку навистина вредат тие приказни кога ќе дојде време државата да исполни базична обврска кон мајките. Имено, пратеничкото прашање на Реџеп Исмаил – Хактан од Левица за доцнењето на надоместоците за породилно отсуство, Министерството за социјална политика, демографија и млади одговара дека не е надлежно! – стои во реакцијата на Левица, околу темата што три дена е главна забава во државата или повод за тажачка.
– За туѓите семејства имаат совети, за бројот на деца имаат ставови, за наталитетот имаат говори, но кога породилка чека исплата, ресорот што во сопственото име ја носи „демографијата“ дава службен допис со кој ја отфрла темата од својот ресор. И тука се гледа целата беда на пронаталитетската пропаганда на ДПМНЕ. Власта сака да одлучува колку деца е пожелно да има едно семејство, но не сака да ја преземе одговорноста за материјалните околности во кои тие деца ќе растат. Сака повеќе раѓања, ама не сака породилката да знае на кој датум ќе располага со загарантираниот приход. Конзервативно морализирање без минимум рационална социјална содржина.
Оттука, ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да им држи лекции на граѓаните за наталитетот. Луѓето не формираат поголеми семејства затоа што министерка им одржала говор за братче и сестриче на првачињата. Одлуката за дете се носи во услови на плати, решено станбено прашање, работна сигурност, достапни градинки, здравствена заштита и извесност дека државата барем сопствените обврски ќе ги исполнува навреме.
Порачуваме ДПМНЕ да престанат да им ја мерат репродуктивната “одговорност“ на семејствата и да почнат да ја мерат сопствената одговорност како власт. На Македонија не ѝ недостигаат проповеди за раѓање, туку држава во која, на пример, мајчинството нема да значи финансиска неизвесност.
Дополнително, бараме објаснување од Министерството, освен што зборот „демографија“ стои на таблата пред институцијата, каде точно се гледа нејзиното работење? Бидејќи засега ДПМНЕ има став за тоа колку деца треба да има едно семејство, но нема став што треба да направи државата за елементарна сигурност на тие семејства, порачуваат од Левица.