НБА ги казни Клиперс со 30 милиони долари за случајот со Ленард
НБА објави казни за Лос Анџелес клиперс, вклучувајќи губење на пет идни пика од првата рунда на драфтот, казна од 30 милиони долари и едногодишна суспензија за сопственикот Стив Балмер, за кршење на правилата за ограничување на платите во случајот со кошаркарот Кавај Ленард, објавува „ESPN“.
Во соопштението на НБА се вели дека речиси едногодишната истрага открила шема и повеќекратни, сериозни прекршувања на правилата од страна на Клиперси, која има историја на прекршувања на ограничувањето на платите.
Како резултат на тоа, Клиперсите мора да се откажат од пик од првата рунда на драфтот во 2029, 2030, 2031, 2032 и 2033 година. Покрај казната од 30 милиони долари, Балмер беше суспендиран од сите лигашки и клупски активности една годин.
Претседателката за операции, Џилијан Цукер, е суспендирана без плата една година. Претседателот за кошаркарски операции, Лоренс Френк, е суспендиран без плата шест месеци.
Триесет и петгодишниот Ленард, кој е двократен шампион на НБА и двократен MVP на финалето на НБА, не е суспендиран, но мора да ѝ плати на лигата 700.000 долари.
Во септември 2025 година, по извештајот на новинарот Пабло Торе, лигата отвори истрага за тоа дали договорот од 28 милиони долари помеѓу Ленард и „Aspiration Fund Adviser LLC“ – компанија која поднесе барање за банкрот минатата година – ги прекршил правилата на лигата. Претходно оваа година, ко-основачот на Aspiration, Џозеф Сенберг, беше осуден на 14 години федерален затвор откако се изјасни за виновен за измама на инвеститори и доверители за најмалку 248 милиони долари.
Лигата тврдеше дека Балмер свесно се обидел да му помогне на Ленард да преговара за договори за приходи надвор од теренот. НБА, исто така, изјави дека Ленард, преку неговиот чичко и поранешен бизнис менаџер Денис Робертсон, ја прекршил политиката за заобиколување со притисок врз Клиперси да му помогнат да обезбеди можности за заработка надвор од теренот.
Ленард игра за Клиперси од 2019 година. Тој исто така играше за Торонто и Сан Антонио.