Тренерот на Баерн, Компани, со хеликоптер пренесен во болница
Германскиот фудбалски првак Баерн Минхен официјално потврди вечерва дека тренерот Винсент Компани се онесвестил за време на денешниот тренинг на резервниот тим и е хоспитализиран.
Белгискиот стратег го следел тренингот на вториот тим кога му се слошило и му била потребна медицинска помош. Баерн соопшти дека Компани е подложен на обемни тестови и дека ќе остане под медицински надзор до понатамошно известување.
Германските медиуми претходно објавија дека Компани е однесен во болница со хеликоптер, кој слетал во тренинг центарот на германскиот шампион, објави „Билд“.
„Здравјето на Винсент Компани е наш врвен приоритет. Во Баерн ќе направиме сè што можеме за да обезбедиме негово брзо закрепнување. Вини ја добива целата потребна медицинска нега и поддршка. Неговиот тренерски штаб, во кој имаме целосна доверба, ќе ги преземе неговите должности. Сите ние во Баерн му посакуваме на Вини брзо закрепнување“, изјави спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл.
Компани изминатите неколку денови имаше здравствени проблеми поврзани со вироза поради што го пропушти тренингот на првиот тим во понеделникот. Тој се врати на клупата во средата и го предводеше Баерн до реми од 2-2 на домашен терен со Арсенал во Лигата на шампионите.
Баерн в недела го очекува дуел на гостински терен против Фрајбург во рамки на седмото коло во Бундеслигата.