Каде се крие Путин?

Кремљ користи три речиси идентични канцеларии во различни резиденции за да ја доведе јавноста во заблуда околу вистинската локација на Путин


Во извештај емитуван на 11 октомври 2020 година, руски државен телевизиски новинар без здив им кажува на гледачите што ги очекува: извадоци од неговото интервју со претседателот Владимир Путин и вести за тестот на хиперсонична ракета со која Москва се фали, меѓу другото.

„По интервјуто, уште работа“, вели новинарот, повторувајќи го наративот на Кремљ дека Путин работи без престан за да ја одржи земјата безбедна и силна. На ознака во аголот од екранот пишува „Ново-Огарјово“ – главната претседателска резиденција во московските предградија – а снимката го покажува Путин како се упатува кон вратата од својата канцеларија и посегнува по рачката.И тоа е показателот: Позицијата на рачката на вратата и неколку други детали откриваат дека снимката воопшто не е снимена во Ново-Огарјово, утврди истрагата на РСЕ/РЛ.

Всушност, таа е снимена повеќе од 1.500 километри јужно во речиси идентична канцеларија во Бочаров Ручеј, државна резиденција во Сочи, на брегот на Црното Море. Система, руската истражна единица на РСЕ/РС, откри дека има не само една, туку две копии од канцеларијата на Путин во Ново-Огарјово – едната во Сочи, а другата во Валдај, приближно на половина пат помеѓу Москва и Санкт Петербург – и дека Кремљ бил нечесен во врска со локацијата на претседателот стотици пати во последниве години.

Во повеќето случаи утврдени од Система, состаноците што наводно се одржале во Ново-Огарјово всушност биле снимени во Сочи или во Валдај, град на брегот на езеро чија шумска локација Путин ја претпочита откако ја започна целосната инвазија на Украина, што доведе до украински напади со беспилотни летала врз воени и индустриски цели во Русија. Истрагата укажува на голема таинственост на  Кремљ, кој редовно ја заведува јавноста за локацијата на Путин најмалку неколку години. Исто така, додава прашања за времето на состаноците и разговорите што ги објавува администрацијата на Путин.

Во истражен извештај објавен во август, Система откри дека најмалку пет состаноци во Кремљ што наводно се одржале во април или мај всушност биле снимени месеци претходно. Путин ја продолжи таа измама оваа есен: Од август, Кремљ објави најмалку седум стари видеа од состаноците на претседателот, претставувајќи ги како нови, откри Система. 

Меѓу другите методи, Система ги потврди своите наоди за трите речиси идентични канцеларии со внимателно следење на околу 700 видеа објавени од администрацијата на Путин или прикажани на државната телевизија и со испитување на слики објавени на веб-страницата на Кремљ. Новинарите, исто така, темелно ги чешлаа материјалите, вклучувајќи објави на социјалните медиуми и протечени патни записи во кои се опишани плановите и вистинските патувања на луѓе од придружбата на Путин, како што се безбедносните лица и новинарите на државната телевизија кои го следат. Извештајот од октомври 2020 година е едноставен, но зачудувачки пример.

Одделно, снимките од септември 2020 година наводно биле снимени во Ново-Огарјово. Но, во е-пошта што ја виде Система, продуцент на државна телевизија побарал од колега да организира патување во Сочи за истакнатиот новинар Павел Зарубин и неколку други членови на телевизиската екипа во тоа време.

Зарубин, ко-креатор на неделна информативна емисија на државната телевизија Росија-1 што се фокусира на Путин, често патувал во Сочи и носел снимки што Кремљ тогаш ги претставувал како снимени во Ново-Огарјово, откри Система.

Протечен патен документ и краток дел од една од емисиите на Зарубин открија дека вработен во обезбедувањето на претседателот вклучен во комуникациите престојувал една ноќ во Сочи во време кога снимката со Путин наводно е направена во Ново-Огарјово, но всушност била направена во Бочаров Ручеј – и тоа во октомври 2021 година.

Покрај рачката на вратата, постојат и други разлики помеѓу канцеларијата во Ново-Огарјово и онаа во Бочаров Ручеј. Постојните рабови на ѕидот зад грбот на Путин се една; ногарките на држачот за телевизор се друга разлика. Според Кремљ, овие две фотографии се направени во истата канцеларија на истиот ден, 12 јули 2024 година. Сепак, деталите за ентериерот укажуваат дека се направени на две различни локации.

Користењето на Бочаров Ручеј од страна на шефовите на Кремљ датира барем од времето на Никита Хрушчов, советскиот лидер од 1953 до 1964 година, и неговиот наследник, Леонид Брежњев. Зградата каде што се одржувале состаноци, изградена во 1950-тите, на крајот била срушена и заменета со зграда што била изградена пред Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.

Снимките објавени кратко по церемонијата на отворањето на игрите покажуваат прием на кој присуствувале руски културни личности, како и Путин и Алина Кабаева, освојувачката на златен медал од Олимписките игри во ритмичка гимнастика во 2004 година, за која се вели дека е негова долгогодишна партнерка и мајка на најмалку две деца со него.

Со текот на годините, Путин бил домаќин на многу други лидери и други руски функционери во Бочаров Ручеј. За време на ерата на Ковид, во поголемиот дел од 2020 и 2021 година, околу една третина од состаноците што наводно се одржувале во Ново-Огарјово всушност се одржале во Бочаров Ручеј, покажуваат доказите што ги разгледа Система. Тој, исто така, поминал многу време во Валдај, одржувајќи состаноци во канцеларија што многу личи на онаа надвор од Москва и онаа во Сочи.

Изолација и безбедност

Сè повеќе и повеќе во последниве години, Путин го фаворизира Валдај. Тој во голема мера се држел подалеку од Бочаров Ручеј од февруари 2023 година, една година откако ја започна целосната инвазија на Русија во Украина. Понатаму, снимките од Кремљ и другите материјали што ги испита Система сугерираат дека скоро сите негови состаноци наводно снимени во Ново-Огарјово во 2025 година всушност се одржале во Валдај.

Валдај е исто така место на државна резиденција, а павилјон за состаноци и конференции е изграден на местото што некогаш било тениско игралиште во пошумена област на негово земјиште во 2016 година од истата компанија што ги изврши реновирањата во Ново-Огарјово и Бочаров Ручеј.

Како и кај Бочаров Ручеј, постојниот раб на ѕидот зад столот на Путин е еден од знаците дека ова не е Ново-Огарјово. Друга работа што го разликува Валдај од другите две канцеларии е термостатскиот прекинувач поставен во центарот на ѕидната плоча. 

Преку визуелни детали, време на патување и други докази, Система утврди дека еден од многуте состаноци одржани во Валдај бил владина средба три дена по пожарот што го зафати трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово во март 2018 година, при што загинаа најмалку 60 луѓе, повеќето од нив деца, една недела откако Путин го обезбеди својот четврти претседателски мандат. Кремљ тврдеше дека се одржал во Ново-Огарјово.

Додека Русија собираше сили по должината на границите на Украина пред целосната инвазија на 24 февруари 2022 година, Путин разговараше со тогашниот американски претседател Џо Бајден преку видео врска од Сочи на 7 декември 2021 година, при што Бајден предупреди на напад, а Путин ги критикуваше Киев и НАТО.Потоа Путин отпатувал во Валдај и оттаму одржал неколку состаноци, според наодите на Система, додека Кремљ објави дека тој работи во Ново-Огарјово.

Од 24 февруари до 12 април, додека руските сили прво напредуваа на неколку фронтови, но потоа беа потиснати од предградијата на Киев, не успевајќи да ја покорат Украина и поставувајќи ја сцената за долгата војна што продолжува без крај на повидок, Путин одржа најмалку 12 состаноци во или од канцеларијата на Валдај, откри Система.

Анализата на снимките и другите докази, исто така, покажуваат дека сите, освен едно, од 30-те појавувања на Путин во дотичната канцеларија помеѓу јануари и крајот на септември оваа година биле снимени во Валдај – каде што, во одреден момент во изминатите неколку години, прекинувачот за термостат е преместен на место што одговара на канцелариите во Ново-Огарјово и Сочи.

Константин Гаазе, социолог кој ги проучува рускиот авторитаризам и бирократија, вели дека во услови на војна против Украина, која ги таргетира руските енергетски и воени објекти со зголемени напади со беспилотни летала и ракети, постои едноставна причина за преференцијата на Путин кон Валдај.

„Секако, станува збор за безбедност“, рече Гаазе. „Бочаров Ручеј е релативно изложен на високата локација во Сочи, а одбранбените мерки би привлекле внимание во московското предградие каде што се наоѓа Ново-Огарјово“, рече тој.

Резиденцијата Валдај е позатскриена, а  во областа околу неа се поставени 12 инсталации за воздушна одбрана, повеќето од нив ракетни системи Панцир-С1.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги прочита прашањата испратени од Система пред објавувањето на овој напис, но не одговори. Во 2020 година, откако медиумот на руски јазик „Проект“ првпат објави дека Путин имал две многу слични канцеларии, во Ново-Огарјово и во Бочаров Ручеј, Песков рече дека извештајот е неточен и дека нема „идентични канцеларии“.

Администрацијата на Путин не се осврна на доказите дека ги довела Русите во заблуда за локациите каде што се одржале стотици состаноци.

Редакцијата ја откри и практиката на Кремљ рутински да ги снима состаноците на Путин, а потоа да ги објавува снимките како тековни настани, практика што се нарекува „конзервирање“. Тие открија дека службените лица во видеата честопати носеле иста облека за да ја сокријат измамата, но понекогаш несовпаѓањата биле очигледни. (Радио Слободна Европа)