Касаноф верува во искрена посветеност на владата за ЕУ
Заменик-помошник државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, порача денеска од Скопје дека поддршката за борбата против корупцијата е нешто што многу сериозно го сфаќаат во САД и нешто со што се справуваат на неколку начини, меѓу кои е и црната листа со санкции, на која работат.Тој сепак не можеше да изнесе детали, но оцени дека искрено верува во посветеноста на сегашната Влада кон евроинтеграцијата и реформите што се потребни за неа.
„Ја гледаме искреноста, не само во она што Владата го кажува, туку и во она што го прави. Тоа е посветеност на европските интеграции и реформите кои се неопходни. Ова САД го поддржува и ќе продолжува да го поддржува“, додаде Касаноф. Според него, премиерот добро ја сфаќа моќта на корупцијата да ја поткопа довербата – и за него тоа е од клучна важност.
Тој порача наедно дека Македонија има светла иднина и дека до крајот на мандатот на претседателот Џо Бајден и неговата администрација, тие ќе остранат со нас за да ги исполниме целите за просперитетна, демократска и целосно интегрирана држава во ЕУ и во евроатлантската заедница.
На почетокот Касаноф соопшти дека е тука за да го потврди силното партнерство на Македонија со САД и дека разговорите со премиерот Мицкоски биле многу опсежни и продуктивни, а сржта на нив била целосната поддршка на САД за целосна евроинтеграција на земјата , како и реформите и придобивките од неа. Тој посочи дека САД ги препознаваат предизвиците со кои се соочи Македонија за да стане членка во НАТО и тие што се барат сега од нас за членство во ЕУ, не не образложи во детали која е американската позиција, особено откако Мицкоски образложи дека негова цел не е преговорите со ЕУ само да почнат туку и да завршат и дека за тоа бараме решение.
Споменувајќи ја поддршката за реформите за ЕУ Касаноф ги вклучуи и заедниците, владеењето на правото и промена на законите, но не прецизираше на кои заедници мисли, иако најверојатно тоа се однесуваше на барањето за вклучување на Бугарите, покрај останатите, во Уставот. Запрашан дали треба да очекуваме промена на американската политика со промена на администрацијата во САД, Касаноф рече дека е несоодветно тој да коментира за новата админситрација во САД.
Премиерот Мицкоски истакна дека европските интеграции остануваат наш врвен стратешки приоритет и дека Владата работи на реформите кои ќе обезбедат владеење на право, транспарентност и ефикасност на институциите.
„Веруваме дека соработката со САД ќе продолжи да игра значајна улога во подобрување на нашите резултати. САД отсекогаш биле наши блиски сојузници и пријатели. Како што тоа беше случај претходно, и денес во услови на променета геополитика остануваме да бидеме сојузник и партнер на САД. Ова партнество е втемелено на заедничко почитување. Да ја продлабочуваме нашата соработка и да обезбедиме дека придобивките од нашето партнерство ќе го почуствуваат сите“, рече премиерот Мицкоски.