Димитриевски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прави плагијат на идеите на ЗНАМ


 

Кандидатот за претседател на државата од ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска во Ѓорче Петров во изјавата за медиумите рече дека сака да одговори на прашањата што му биле упатени околу повикот за ненапаѓање и повикот за македонско национално единство дадени од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мене ми е мило, рече Димитриевски, што конечно сите тие големи политички субјекти, што се претставуваат како гоеми политички субјекти ја сфатија суштината и заложбата на ЗНАМ. Од првиот момент ЗНАМ како нов политики субјект во државата најави дека по завршување на
парламентарните избори, пред да влезе во договор, разговор и преговор со идните коалициони партнери, ќе излезе со една декларација за дефинирање на македонските црвени линии и де факто потврдување на македонска национална платформа“.

Во однос на ненапаѓањето, Димитриевски појасни:

„Ние како партија не прогласуваме мораториуми, бидејќи немаме намера и не напаѓаме политички субјекти кои се во опозиција. Водиме позитивна кампања. Но, притоа сакам да истакнам дека денешнава состојба којашто е лоша и никогаш не била полоша во државата е резултат на владеење на два политички субјекта од македонскиот блок и еден политички субјект од албанскиот блок, тоа е ДУИ. Ваквите повици не можат никого, ниту колективно, ниту индивидуално, да изземат од каков било вид на одгворност во претходниот период на владеење“, рече Димитриевски.

Тој објасни дека по втор пат се случува плагијат на идеја на ЗНАМ од страна на ВМРО ДПМНЕ. Првиот со неговото решение во делот како да се надмине проблемот со уставните измени и со Бугарија и сега околу идејата за обединувањето.

Димитриевски рече дека исклучил каков било вид соработка, постизборна соработка со ова актуелно раководство на СДСМ, бидејќи направиле голема штета и корупцијата си го дава својот резултат.
На констатацијата дали тоа значи дека е можна соработка со ВМРО ДПМНЕ, Димитриевски одговори:

„Според она што го гледам како досега функционираа нештата особено во делот на фамозното гласање на измените во Казнениот законик, суштински во јавноста имаме разногласија, а во парламентот се обезбеди мнозинство од страна на владеачката структура на СДСМ и ДУИ,но сепак кворумот го обезбеди опозицијата. Тоа потврдува еден вид и начин на соработка помеѓу нив и сметам дека е крајно лицемерно кон јавноста“.