Кандидатска драма во ДИК, Јакимовски не го потпиша Кодексот за етичко однесување

Јакимовски рече дека ќе го почитува Кодексот ако има претседателска дебата, а Ванковска најави кривична пријава за ДИК и за некои од противкандидатите


Групен портрет со две дами (Фото: Б. Грданоски)

 

Кандидатите за претседател на државата денеска во Државната изборна комисија дојдоа да го потпишат Кодексот за фер и демократски избори, но овој церемонијален настан се претвори во политичка драма.

Најпрво, Стевчо Јакимовски најави дека нема да го потпише Кодексот, Билјана Ванковска најави кривична пријава за ДИК и за некои од противкандидатите, Максим Димитриевски ја обвини Гордана Силјановска-Давкова дека и собирале потписи организирано со автобуси, неколку од нив го вперија прстот во ДИК поради нерамноправна распределба на времето за политичко рекламирање и парите, а во ДИК тоа го сфатија како закана – па одбија да се фотографираат со кандидатите, но во име на фер и демократски избори на крајот попуштија.

Врв беше најавата дека пропаднала мастер дебатата, бидејќи две телевизии одбиле да учествуваат во организацијата и да ја пренесуваат. Паднаа и обвинувања за фаворизирани кандидати и ситна боранија, при што во втората група се препознаа кандидатите на малите партии. Единствени позитивни и свечени беа претседателските кандидати на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски и Бујар Османи.  

Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова (Фото: Б. Грданоски)

Стево Пендаровски, кандидат поддржан од СДСМ, притоа изрази уверување дека како држава имаме доволно институционална меморија  и доволно политичка култура да се одржи нивото на дебатата и целиот процес да биде фер и демократски. Тој беше уверен  ека никој нема да ги оспорува резултатите и најави дека тој лично ќе се држи до Кодексот од почеток до крај.

Гордана Силјановска-Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, потпишувањето на Кодексот го оцени како церемонијален чин и, како што рече, „нормативен и морален илузионизам“, но посочи дека лично таа ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати. Според неа, во други држави има тело кое го следи однесувањето на кандидатите, бидејќи станува збор за кандидати со висок статус во државата кои можат да го искористат не само за потребите, туку и за државните ресурси. 

Стевчо Јакимовски од Гром рече дека Кодексот ќе го почитува, но нема да го потпише доколку ДИК не гарантираат дека ќе се организира претседателска дебата, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средствата за кампања не се рамноправно поделени. Притоа тој пресметал дека, ако се анализираат парите што ги добиваат со потписите што треба да ги приложат, испаѓа дека потписот за фаворозораните кандидати вреди 97 евра, а за него и останатите само 12 евра. За него откажувањето на мастер дебатата не е во ред  и не е во духот на демократските процеси. 

„На локалните избори имав нула средства а имаше дебати. Со 126.000 евра што се обезбедени сега, што ќе им дадеме на медиумите на овие избори?“, праша тој заклучувајќи дека немањето дебата не е во интерес на граѓаните. 

Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски велат дека се онеправдани со средствата за кампања (Фото: Б. Грданоски)

Бујар Османи од ДУИ рече дека не практикува црна кампања и некоректен однос кон  другите кандидати и дека тие треба да се натпреваруваат на изборите со квалитет и со понуди. Тој вети дека неговата кампања ќе биде позитивна, порачувајќи дека повеќе станува збор за политички морал и даден збор пред граѓаните дека ќе пристапат коректно кон овие важни избори за нашата држава.

Претседателот и шефот на дипломатијата ривали на претседателските избори (Фото: Б. Грданоски)

 

Билјана Ванковска како кандидат на Левица нагласи дека Кодексот ќе го потпише, но не верува во ова, како што рече, празно парче хартија и дека без оглед што ќе каже секој, на терен е друго и кампањата е почната. Таа најави судска постапка против ДИК, АВМУ и некои од кандидатите поради дискриминирачка распределба на времето за преставување во медиумите.

За Билјана Ванковска Кодексот е празно парче хартија (Фото: Б. Грданоски)

 

„Ќе бидеме фини, ќе ја одржиме илузијата и ќе го потпишеме Кодексот. Но, правната битка ќе ја водам против кандидатите и учесниците во изборниот процес“, рече таа, оценувајќи дека во трката има фаворити и „ситна боранија“ со која си поигруваат, прават „црни листи“ кој со кого сака во дебата… 

Арбен Таравари се надева дека овие избори ќе бидат најдемократски досега (Фото: Б. Грданоски)

Арбен Таравари како кандидат на коалицијата „Вееди“ изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски досега.

„Многу сме далеку од тоа да организираме европски избори, ама сме подобри од тоа што бевме“, забележа тој согласувајќи се дека е неопходно да се одржи претседателска дебата.

Максим Димитриевски порача дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на овие двојни избори да победи демократијата. Тој искажа благодарност до ДИК што организира ваков настан,  иако и според него се потпишува форма, а не суштина, бидејќи нема да биде почитуван во целост и бидејќи почуствувал хипокризија околу ставот 4 (фер избори). Тој побара анализа колку вработени од јавната администрација се потпишале на неговата кандидатска листа и тоа да се спореди со групното потпишување и со автобуси за Силјановска. Тој порача дека ќе дебатира со сите и секаде каде што ќе го повикуваат, па и со фаворизираните кандидати во чиј прилог, како што оцени, со анкети се креира јавно мислење.

„Самиот пристап до медиумите е ограничен со законот и не ни дава еднакви можности“, рече Димитриевски, но најави дека ќе го даде максимумот состојбите во државата да се сменат во целост. 

Фото: Б. Грданоски

На неговата изјава реагираше Силјановска посочувајќи дека ова не е фер, демократско и етичко однесување на кандидат за претседател, како што бара Кодексот, на што тој возврати со зборовите – „Реплика ли да дадам претседателе?“  

Кодексот предвидува кандидатите да не употребуваат говор на омраза, да придонесат за фер и демократски избори, да не вршат дискриминација врз полова и друга основа и да не се користат со закани кон тие што нема да им ја поддржат кандидатурата.