За Османи партиите во албанската опозиција се „деривати на ДУИ“ што не носат промена


ДУИ не се плаши од Таравари, вели  Бујар Османи за најавената коалиција меѓу Арбен Таравари и здружената албанска опозиција, како и блиските релации со косовскиот премиер Албин Курти.

Според Османи, партиите во албанската опозиција се „деривати на ДУИ“, односно како што вели, сите тројца се поранешни функционери на ДУИ.

-Гаши е гласач на ДУИ, а овие двајца поранешни функционери и тие не можат тие да бидат промената. Промената може да ја нуди некој што е надвор од концептот на функционирање на ДУИ, кажа шефот на македонската дипломатија во емисијата „Студио 10“.

За партијата на Курти „Самоопределување“, Османи вели дека веќе била вмешана во земјава во неколку изборни циклуси, преку учество на митинзи и директна поддршка.

-Кај Албанците политичката сцена е консолидирана затоа што граѓаните очекуваат од политичарите да го оддржат зборот. Што можете да најдете кај ДУИ, нешто што има ветено, а нема реализирано. Нема такво нешто. Ветено-сторено. Тоа го ценат граѓаните. ДУИ остварува и не менува ставови на дневна основа, уверува потпретседателот на ДУИ.

За политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски одлуката на Таравари е чудна.

-Алијансата на Албанците се дели внатрешно на половина, со приврзаници меѓу актуелениот лидер Арбен Таравари и поранешниот лидер Зијадин Села. Одлуката на Таравари да оди со етничко албанската опозиција е во најмала рака чудна, бидејќи оваа политичка партија е владејачка партија, изјави Атанасоски за Фронтлајн.

Од друга страна, додава тој, по сите информации што излегуваат на површина, тој таа своја одлука ја донел без никакви внатрепартиски процедури, и ќе видиме дали истата ќе се почитува.

– Исто така е симптоматично зошто оди со овој фронт, кога самиот има изјавено дека по препорака на стратешките пријатели, тој влегол во власта за да го засили проевропскиот брод на евроинтеграциите. Со оваа одлука испаѓа дека тој прави политички потег со кој го напушта овој тренд и оди на страната на силите кои не ги изгласаа уставните измени за внес на Бугарите во Уставот како услов без кој не се може да се продолжат евроинтеграциите, нагласи Атанасоски.