СДСМ: Арсовска на штета на скопјани се откажува од БРТ системот

Скандалозен е последниот потег на градоначалничката Данела Арсовска да го прекине проектот Бас Рапид Транзит, кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој, сметаат од партијата на власт СДСМ.
– Три години се работеше овој револуционерен проект кој има за цел да внесе нов систем на ефикасен и еколошки јавен превоз во главниот град. Многу важен за скопјани. Со средства од ЕБОР и со средства од градскиот буџет, направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство, како и проект за првата траса. Беше потпишан и Договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ системот. Сега, заради лични хирови, Арсовска го укинува овој проект кој што веќе е во процес на реализација и од висок интерес на скопјани – велат од СДСМ.
Сметаат дека овој потег на Арсовска, освен што е против интересите на скопјани, е на директна штета на градот но и на државата, пред меѓународни финансиски институции како што е ЕБОР.