Приведен шефот на обезбедувањето на Мицкоски, нападнал колега полициски службеник
Според МВР, И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија
Шефот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., рано изутрината нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода. Како што објави „360 степени“ , повикувајќи се на непотврдени информации, полицијата, во потрага по дрога, сакала да изврши претрес во познат скопски локал, но Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што бил уапсен.
За настанот, на социјалните мрежи се огласи и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бомјацалиев, кој е од редовите на СДСМ, кој напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност, и побара максимално професионално да се расветли овој случај.
„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално“, напиша Бојмацалиев.
Случајот го потврдиле и од МВР, а од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ рекле дека досега немаат информација дали Ивица Б. е задржан во полициска станица и дека ќе звестат откако ќе добијат повеќе детали за случајот.
Настанот се случил доцна синоќа, во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на општина Центар, а лицето Ивица Б. било лишено од слобода од страна на припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје. Според МВР, И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
Инаку, Ивица Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој бил именуван за командант на елитната полициска единица ,,Тигри”, за време на мандатот на Наќе Чулев како министерот за внатрешни работи во техничката влада во 2020 година, како една од 15-те позиции на кои Чулев направи промени, пишува „360 степени“.